Полскиот премиер: Нашиот устав има примат, ЕУ не е држава

Полскиот премиер Матеуш Моравјецки ги отфрли во Европскиот парламент обвинувањата дека полската влада е антиевропска, истакнувајќи дека европската интеграција е судбината на Полска, но повтори дека уставот е највисокиот закон во Полска.

EPA-EFE

„Европската интеграција е нашиот избор, тоа е нашата судбина“, порача тој денес на пленарната седница на европскиот парламент во Стразбур.

Моравјецки ги отфрли тврдењата дека национално-конзервативната влада на партијата Право и правда (ПиС) се спрема за „полегзит“ откако претходно месецов уставниот суд на Полска пресуди дека полскиот устав им е надреден на договорите за ЕУ, што предизвика остри критики на Европската комисија.

„Полска е и ќе остане дел од Европската Унија. Нашата влада е дел од проевропското мнозинство, а тоа не значи дека полските граѓани не се загрижени за иднината на Европската Унија, таа загриженост е оправдана“, кажа Моравјецки.

Меѓутоа, истакна дека треба да се спротивстави на ширењето на овластувањата на европските институции кои не ги одобриле националните држави и граѓани и дека Европа станала силна токму поради „рамнотежата меѓу конкурентноста и соработката на државите“.

Европските закони имаат примат над националните само во областите кои на ЕУ ѝ ги делегирале државите членки, порача Моравјецки.

„Највисок закон во Европската Унија е уставот на некоја од земјите. Ако европските институции ги пречекорат или прекршат делегираните компетенции, државите членки мора да имаат средства за реакција“, кажа тој.

„ЕУ е силен политички и економски организам. Тоа е најсилната, најдобро организирана меѓународна организација во историјата, но ЕУ не е држава“, истакна.

Напомена дека претходно францускиот, германскиот, шпанскиот, данскиот и италијанскиот уставен суд исто така донеле одлуки според кои судот на Европската Унија ги пречекорил своите овластувања.

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен порача дека полскиот уставен суд не е независен и легитимен, поради мешањето на извршната власт, а тоа го истакна и лидерот на десничарите Манфред Вебер како разлика меѓу полскиот и наведените случаи.

Шефицата на Комисијата смета дека пресудата на полскиот уставен суд ја доведува во прашање независноста на правосудството, што е темел на ЕУ.

„Должност на Комисијата е заштита на граѓаните во Европската Унија каде и да живеат“, кажа Фон дер Лајен.

Комисијата затоа правно ќе ја оспори одлуката на полскиот уставен суд и ќе го постави прашањето на условеност на почитувањето на владеењето на правото за користење на средствата од европските фондови.

„Полската влада мора да објасни како ќе ги добие парите имајќи ја предвид пресудата на уставниот суд“, порача таа.

Европската комисија веќе долго спори со Варшава околу полската реформа на правосудството, за која тврди дека ја загрозува независноста на судството. Поради тоа сè уште не се одобрени парите за полскиот план за заздравување од пандемијата на коронавирусот.

Моравјецки тврди дека станува збор за двојни стандарди и дека европските институции ги фаворизираат старите, побогати членки на ЕУ.

„Во најбогатите земји на ЕУ постојат даночни оази, како е тоа дел од заедничките вредноти?“, праша тој на седницата на Европскиот парламент.

Легенда под Главна слика

EPA-EFE

Македонија може да ги задоволи потребите од електрична енергија ако на површина од 160 км2 постави соларни панели, а инвестицијата за тоа е 2,4 милијарди евра.

повеќе

Тешко е да се очекува дека ветото ќе биде туку-така тргнато. Дури и кога би се постигнал некаков договор, тоа би значело дека Македонија направила тешки и болни компромиси за да дојде до решение, имајќи ги предвид тврдите позиции на Бугарија.

повеќе

Лошите прогнози за инфлацијата и зголемувањето на цените на сите енергенси, не упатува кон еден заклучок - обновливите извори на енергија, заедно со вложувањето во самоодржливост и економијата на подарувањето сега се позначајни отколку кога и да е претходно.

повеќе