Зјобро забраните на Европскиот суд на правдата ги нарече незаконски, пренесе АП.
Полска инсистира дека Европскиот суд нема надлежност врз нејзиното правосудство ниту може да ги игнорира неговите пресуди.
Европскиот суд на правдата вчера во соопштението потврди дека ѝ наложил на Полска, поради утврдено кршење на принципите на владеењето на правото, да ѝ исплаќа на Европската комисија милион евра дневно сѐ додека не се усклади со одлуките на Судот.
„Со својот денешен налог потпретседателот на Судот ѝ наложува на Полска да ѝ плаќа на Комисијата периодична казна од милион евра дневно, од датумот кога таа наредба ѝ е врачена на Полска и сѐ додека државата-членка не ги исполнува обврските или, ако не го направи тоа, до датумот на врачување на правосилната пресуда“, се наведува во вчерашното соопштение на Европскиот суд на правдата.
Минатиот месец судот ја казни Полска со 500.000 евра дневно зашто не ја почитувала забраната за затворање на рудникот за лигнит во Туров.
„Полската држава не може да му се потчинува на беззаконието“, рече Зјобро на конференцијата за новинарите.
„Било да станува збор за незаконските казни во врска со Туров... или за казните за промените во правосудството, Полска не може и не треба да плати ниеден злот”, рече Зјобро, кој е автор на промените во полскиот правосуден систем.
ЕУ предупредува дека може на Полска да ѝ ја запре исплатата на средствата за заздравување од пандемијата доколку дисциплинската комора на полскиот Врховен суд, тело на кое владејачката партија му даде овластување да ги дисциплинира судиите, не биде укинато, додека претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен вчера изрази надеж дека ќе биде постигнат компромис.