На 83-годишнината од почетокот на Втората светска војна

Полска достави официјално барање до Германија за воена отштета од 1,32 милијарди долари

Лидерот на владејачките конзервативци Јарослав Качински денеска во Варшава изјави дека Полска официјално ќе поднесе барање Германија да ѝ плати отштета за жртвите, материјалната штета и злосторствата на окупаторските власти за време на Втората светска војна, во износ од 1,32 милијарди долари.

Фото: ЕПА

„Донесена е одлука официјално да се побараат репарации од Германија, да добиеме отштета за сето она што Германија или германскиот народ ѝ го направија на Полска од 1939 до 1945 година. Во меѓународните односи работите се такви што, ако една земја ѝ нанесе големи штети на друга, подоцна, по воениот пораз треба да се раздолжи. Нема никаква причина Полска да биде исклучена од тој принцип“, рече Качински.

На 83-годишнината од почетокот на Втората светска војна, денеска во Кралскиот замок во Варшава беше презентиран извештај за воената штета, кој неколку години го подготвуваше тим предводен од пратеникот на владејачката полска партија Право и правда Аркадиуш Муларчик, а во кој воената штета беше проценета на 6.200 милијарди злоти, или 1,32 милијарди долари.

Качински рече дека „претставениот износ на штетата е пресметан со најконзервативни методи“ и дека „може да се зголеми“.

„Бидејќи исплатата на таквите надоместоци се врши со децении, тоа е сума што германската економија може да ја поднесе“, рече Качински.

Тој предупреди дека нема да биде нималку лесно да се добијат репарации од Германија и дека тоа може да трае подолго време, но изрази надеж дека ќе бидат заинтересирани и други земји, особено Израел, бидејќи Полска бара отштета и за смртта на 5,2 милиони свои граѓани, меѓу кои мнозинството биле Евреи.

„Не ги земавме предвид злосторствата извршени од Русите. Тоа е друг проблем“, рече Качински.

Муларчик рече дека Полска изгубила 11,2 милиони жители за седум години поради војната и поместувањето на границите по неа врз основа на договорот на големите сили.

Околу две третини од проценетиот износ на репарации ќе бидат наменети за милионите жртви, а материјалната штета беше проценета на повеќе од 160 милијарди долари, додека загубите во наследството и културните дела беа проценети на повеќе од четири милијарди долари.

По војната, германските репарации за Полска оделе преку Советскиот Сојуз. Полска имала право на 15 отсто од вкупната сума, а во 1953 година СССР и Источна Германија потпишале договор во Москва за суспендирање на репарациите, додека комунистичките власти на Полска исто така се откажале од нив од 1 јануари 1954 година.

Германија наведува дека прашањето за воените репарации за Полска е законски затворено бидејќи самата Полска двапати го затворила прашањето, со билатералниот договор за признавање на повоените граници на Одра и Ниса од 1970 година и за време на преговорите за обединување на двете Германии во 1990 година, кога Варшава не го постави прашањето за репарации иако веќе беше независна од Москва.

Легенда под Главна слика

Фото: ЕПА

Сведоци сме деновиве на сензационална приказна за некаков американски тим кој, внимавајте, агресивно ќе ловел корупција во Македонија.

повеќе

Најавите на американската администрација за бескомпромисна  борба против овие корумпирани,  неспособни  и криминални структури на сите нивоа на државата за македонските граѓани се единствено светло во тунелот.

повеќе

Концептот на даночната реформа, кој го претставивме минатата недела на заедничка прес конференција со премиерот е дел од поголем процес за креирање на оптимален даночен систем кој ќе биде праведен и ќе го поддржи економскиот раст.

повеќе