Тоа би можело да биде навестување за рекорден одѕив на изборите, на кои кандидати се актуелниот претседател Доналд Трамп и демократот Џо Бајден.
Четири недели пред изборите на 3 ноември, веќе гласале околу 4 милиони Американци, што е далеку повеќе од околу 75.000 пред претседателските избори во 2016, укажува Американскиот изборен проект, кој ги собира податоците за раното гласање, пренесува Ројтерс.
Поголемиот одѕив е поттикнат од одлуката на многу држави да овозможат рано гласање и гласање по пошта во поголем обем поради пандемијата на коронавирусот, но и желбата да се донесе одлука за Трамповата политичка иднина, изјави Мајк Мекдоналд од Универзитетот на Флорида, кој го води проектот.
„Никогаш не сме виделе олку голем број луѓе да гласаат многу порано. Луѓето гласаат кога ќе донесат одлука кого да поддржат и знаеме дека голем број луѓе веќе се одлучиле и веќе имаат став за Трамп“, кажа Мекдоналд.
Поради наглиот раст на бројот на гласачите што гласаат порано, Мекдоналд предвидува рекорден одѕив од околу 150 милиони, што е 65 отсто од Американците со право на глас, а тоа би бил најголемиот процент од 1908 година.
Според анкетите на национално ниво, Бајден има предност во однос на Трамп, иако истражувањата во државите што може да бидат одлучувачки укажуваат на тесна трка.