Папата ги замоли верниците да се молат неговата „посета да се одржи на најдобар можен начин и да ги донесе посакуваните плодови“.
„Веќе некое време сакав да се сретнам со луѓето кои толку многу страдаа и да ја запознаам тамошната маченичка црква“, рече папата.
Ирачката малцинска христијанска заедница со години е на удар на војни и репресии од страна на џихадистите на Исламската држава.
Папата сака да го посети Мосул, каде црквите сè уште носат лузни од конфликтот, пренесува Ројтерс.
„Народот на Ирак нè чека. Го чекаа папата Јован Павле Втори, на кого не му беше дозволено да отиде. Луѓето не смеат повторно да бидат изневерени. Се молиме овој пат да помине добро“, рече папата Франциско.
Папата треба да го посети Ур, родното место на пророкот Авраам и да се сретне со ајатолахот Али ал-Систани, најважната личност во шиитскиот ислам.
Околу 10.000 војници ќе бидат ангажирани во Ирак за да го заштитат папата, кој најверојатно ќе се движи во оклопни возила.
Поради ограничувачките мерки поради коронавирусот ограничен е бројот на луѓе кои ќе можат да го видат папата.