Абас денес попладне разговарал со рускиот претседател, неполни два дена по состанокот со израелскиот министер за одбрана Бени Ганц, што беше прва официјална посета на палестинскиот претседател на Израел по низа години.
Состанокот на Абас и Ганц бил „последната шанса пред експлозијата“, коментираше на Твитер палестинскиот министер за цивилни прашања Хусеин ал Шеик, не наведувајќи ги причините и последиците на таа можна „експлозија“.
Абас во разговорот со Путин, чија земја е членка на таканаречениот Квартет (ОН, ЕУ, САД и Русија) за Блискиот Исток, одговорноста за можната „експлозија“ на Западниот брег им ја припишал на израелските политичари.
Тој во телефонскиот разговор истакнал дека е „важно Израел да го прекине едностраното постапување во врска со колониите, одземањето земја, протерувањето на Палестинците од источен Ерусалим и со тероризирањето од страна на доселениците бидејќи таквите мерки ќе доведат до експлозија на ситуацијата“, пренесува официјалната палестинската агенција Вафа.
По посетата на Абас, израелското министерство за одбрана најави „мерки за доверба“ за подобрување на економската положба на Палестинската самоуправа и намалувањето на тензиите на Западниот брег, палестинската област која Израел ја зазема во 1967.
Канцеларијата на ОН за координирање на хуманитарната помош (ОЦХА) забележал 410 напади на израелски доселеници врз Палестинци во првите десет месеци во 2021, а во целата 2020 имало 358.
Во годишниот извештај на израелската војска се наведува дека во 2021 имало 100 напади врз Израелци на окупираниот Западен брег, а една година претходно имало 60, на што се додаваат 5.532 инциденти во кои Израелци биле гаѓани со камења, а година претходно се забележани 4.000 инциденти.