Во атентатот биле вклучени шест лица

Откриен идентитетот на убиецот на полубратот на Ким Јонг Ун (ВИДЕО)

По првото апсење во средата, денес се уапсени уште двајца од вкупно шесте членови на ќелијата што го извршила атентатот врз полубратот на севернокорејскиот диктатор Ким Јонг Ун.

Малезиската полиција во средата уапси 28-годишна девојка со виетнамски пасош на име Доан Ти Хуонг, иако засега не е потврдено дали пасошот е автентичен.

Британски Гардијан пренесува дека денес биле уапсени уште две лица осомничени за атентатот: 25-годишната индонезиска државјанка Сити Ајша, чиј идентитет го потврдиле индонезиски дипломати, и 26-годишниот малезиски државјанин Мухамед Фарид бин Џалаудин, за кој се верува дека ѝ е момче.

Сите тројца биле идентификувани со помош на снимки од безбедносните камери на аеродромот во Куала Лумпур, каде се случи атентатот. Ким Јонг Нам беше отруен додека чекал да се качи во авион за кинеската територија Макао, каде живеел. Едната девојка му го привлекла вниманието, а другата од зад грб му го покрила лицето со марамче натопено во неидентификуван, но брз отров.

Во меѓувреме Малезија одби да ѝ го испорача телото на убиениот на Северна Кореја сѐ додека не добие ДНК примерок од неговиот полубрат Ким Јонг Ун, или од друг член од семејството, пишува Ројтерс.

Ким Јонг Нам, најстариот од тројцата синови на покојниот диктатор Ким Јонг Ил, требаше да го наследи својот татко во комунистичката династија, но падна во немилост кај својот татко. Со години живееше во странство, во Кина, Сингапур и Макао. Во последно време стана критичен кон режимот во татковината и скептичен за способноста на својот полубрат да ја преземе власта во земјата кон крајот на 2011. „Режимот на Ким Јонг Ун нема да трае долго“, изјави тој.

Нам веќе преживеа обид за убиство во 2012, по што на својот полубрат му испрати писмо во кое практично го молеше да му го поштеди животот. „Се надевам дека ќе ја повлечеш наредбата да нѐ казниш мене и моето семејство. Немаме каде да бегаме, ни каде да се криеме, и знаеме дека единствениот начин да избегаме е да извршиме самоубиство“, напиша тогаш Нам во драматичниот апел.

Очигледно Ким јуниор, најмладиот претставник на комунистичката династија која со децении владее со Северна Кореја, нема милост. Јужнокорејската разузнавачка агенција е уверена дека токму агенти на Пјонгјанг го организирале атентатот. Истото мислење го дале и американски безбедносни функционери за Ројтерс.

Поимањето на несомнената поддршка на ЕУ е најкомплицирано од перспектива на Република Македонија.

повеќе

Спортскиот амбасадор Лазаров покажа слаб дипломатски имунитет кон политиканството.

повеќе