Османи порача дека „ситуацијата која Србија ја создала на северот на Косово при неодамнешната акција на косовската полиција треба да се гледа како обид на Русија да уништи сè американско и европско што е постигнато во регионот“, пренесуваат косовските медиуми.
Османи кажа дека тоа треба да се гледа во пошироката слика, отколку само низ призмата на дијалогот на Косово и Србија.
„Ете руски обид да се уништи сè американско и европско што е постигнато на нашите простори. Ова е голем конфликт и Косово е местото каде што најмногу се судираат на целиот европски континент, се судираат руските интереси со интересите на организациите како НАТО, ЕУ и САД. Русија е заинтересирана да се бори не само против нас, туку и против сите американски и европски интереси во нашиот регион, преку напади врз Косово, Босна и Херцеговина и Црна Гора“, кажа Османи.
Таа повторно се осврна на изјавата на шефот на дипломатијата на ЕУ Жосеп Борел кој акцијата на косовската полиција на северот ја нарече „еднострана, некоординирана и неприфатлива акција“, сметајќи дека таа била пристрасна и дека не е заснована на вистинити информации.
„Толку висок функционер на ЕУ треба да биде информиран и да не дозволи други функционери да го дезинформираат за вистината. Тој ден беше лесно да се провери вистината од теренот. Кога од вас се бара да бидете посредник во односите како дијалогот меѓу Србија и Косово, најмалку што може да се бара е независност или недостиг од субјективност во однос на едната или другата страна. Сепак, тука видовме пристрасност за која се надевам дека нема да се повтори, бидејќи е спротивна на кое било барање кое ЕУ го постави две децении, односно постојано бараа од нас да се бориме против криминалот и корупцијата, особено на северот“, заклучи косовската претседателка.