Омикрон можеби презел дел од генот на вирусот на настинката, велат научници

Сојот на коронавирусот омикрон можеби добил барем една од своите мутации со собирање исечок од генетскиот материјал на друг вирус - веројатно оној што ја предизвикува обичната настинка - присутен во исто време кај заразените клетки, според американските научници.

Фото: ЕПА

Оваа генетска секвенца не се појавува во ниту една претходна верзија на коронавирусот, но е присутна кај многу други вируси, вклучително и оние што предизвикуваат настинки, а исто така и во човечкиот геном, велат научниците.

Со вклопување на тој исечок во сопствената структура омикрон би можел да изгледа „почовечки“, што би му помогнало да го избегне нападот од човечкиот имунолошки систем, рече Венки Соундарарајан од компанијата за анализа на податоци со седиште во Кембриџ.

Резултатите од неговата студија се објавени на веб-страницата ОСФ Препринтс.

Ова може да значи дека вирусот полесно се пренесува и предизвикува само блага или асимптоматска болест.

Научниците сè уште не знаат дали омикронот е позаразен од другите варијанти, дали предизвикува потешка болест и дали ќе ја потисне делтата како најраспространета варијанта.

Можеби ќе бидат потребни неколку недели за да се одговори на овие прашања.

Мутацијата можела да се случи кај лице со двата вируси

Според претходните студии, клетките во белите дробови и во гастроинтестиналниот тракт може истовремено да бидат „домаќини“ на вирусот САРС-КоВ-2 и вирусот на настинката.

Таквата истовремена инфекција создава услови за вирусна рекомбинација, процес во кој два различни вируси во иста клетка-домаќин во меѓусебна интеракција се копираат, создавајќи нови копии што го имаат генетскиот материјал на двата „родители“.

Оваа нова мутација најпрво би можела да се појави кај лице заразено со двата патогени кога варијанта на вирусот САРС-КоВ-2 ја „собрала“ генетската секвенца на другиот вирус, рекоа Саундарарајан и неговите колеги во студијата, која сè уште не е рецензирана.

Истата генетска секвенца се јавува многу пати кај еден од коронавирусите што предизвикува настинка кај луѓето - познат како HХКоВ-229E - и кај вирусот на човечка имунодефициенција (ХИВ) што предизвикува СИДА, рече Соундарарајан.

Јужна Африка, каде што првпат беше идентификуван омикрон, има највисока стапка на ХИВ во светот, кој го ослабува имунолошкиот систем и ја зголемува подложноста на лицето на инфекции со вируси на настинка и други патогени.

Има многу луѓе во тој дел од светот на кои можеби им се случила рекомбинација, која го вовела тој сеприсутен сет на гени во омикронот, рече Соундарарајан.

„Веројатно сме превиделе многу рекомбинации што се случиле со текот на времето и што довеле до појава на омикрон“, додаде Саундарарајан.

Потребни се повеќе истражувања за да се потврди потеклото на омикроновите мутации и нивниот ефект врз функцијата и преносот на вирусот.

Постојат и други хипотези дека најновата варијанта омикрон можеби поминала некое време во развој кај животно домаќин.

Во меѓувреме, рече Соундарарајан, новите наоди ја нагласуваат важноста на луѓето да ги добиваат достапните вакцини против коронавирусот.

„Треба да се вакцинирате за да ги намалите шансите други луѓе, кои се имунокомпромитирани, да се сретнат со вирусот САРС-КоВ-2“, рече Соундарарајан.

Легенда под Главна слика

Фото: ЕПА

Продолжува активноста на копачите, крановите и мешалките за цемент додека самите Албанци се протерувани од градот. 

повеќе

После речиси две години очигледно е дека менталното здравје на вработените е исто важно како и нивното физичко здравје. Сега повеќе од било кога, неопходен е силно развиен систем за управување со човечки ресурси.

повеќе

Јазикот е многу повеќе од структура на една реченица или граматика, јазикот е нашата историја, нашите обичаи и нашето наследство...

повеќе