Меѓутоа, вели Стоун, претседателот на Соединетите Американски Држави сега е најстариот дедо кој е многу опасен, и додава дека тој дедо вика: „Ајде да убиваме Руси, сега ни е шансата“.
„Тој ја поистоветува Русија со (рускиот претседател Владимир) Путин и мисли дека доколку се ослободи од Путин, дека ќе ја контролира Русија како во времето на Јелцин. А тоа е само сон“, изјави Стоун за српска Политика.
Тој констатира и дека САД се „експерт за осуда на секоја земја во светот кога ќе ја премине линијата на меѓународниот поредок, она што тие го нарекуваат правила, а Америка ги крши сите правила кога сака и вие тоа го знаете“.
„Секако еден од најлошите случаи е (основачот на Викиликс Џулијан) Асанж и неговото малтретирање. Сите кажаа дека треба да се ослободи Асанж, но САД се упорни во својата одмазда. Па, кои сме ние да покажуваме со прст во кого било? Да им кажуваме на Русите што да прават. Мислам, смешно е имајќи предвид што имаме ние правено. Не сакам да навлегувам во пошироката приказна на ова што се случува во Украина, бидејќи тој случај воопшто не е едноставен, и сите само викаат: „Русите напаѓаат“. А кој го предизвика тоа?“, вели Стоун.
„Што се случуваше во Донбас од 2014 и колку луѓе се отселија од тогаш бидејќи Соединетите Држави тешко ја вооружуваа украинската војска. Од 2014 година Украина повеќе не беше неутрална, беше против Русите и тоа е тоа што ја наруши рамнотежата“, оцени за руско-украинскиот конфликт американскиот режисер.
Режисерот кој продуцираше два документарни филма за настаните во Киев, „Украина во пламен“ во 2026 и „Откривајќи ја Украина“ во 2019, кои се соочија со забрани, бојкоти и напади, беше прашан за кого би гласал во САД.
„Јас би гласал за трета страна. Нема надеж за Америка, освен појава на трета страна, бидејќи и републиканците и демократите работат и функционираат исто и исти пари вложуваат во воената индустрија. Американскиот воен буџет е огромен. Естаблишментот е меѓусебно поврзан, а има многу незадоволство денес во светот“, заклучи Стоун.