Веејќи чешки, американски, НАТО и украински знамиња, многумина во толпата изразија поддршка за Украина во војната против Русија, за разлика од протестот во петокот, кога организаторите, кои беа против Европската Унија и НАТО, повикаа на директни разговори со Москва за снабдувањето со гас.
На транспарентите во неделата пишуваше „Чешка против стравот“ и „Можеме да се справиме со тоа“, додека основачите на Милиони моменти за демократијата, групата што го организираше настанот, ѝ кажаа на толпата дека и покрај стравувањата од високите цени на енергијата и војната во Украина, загрозена е иднината на демократијата.
„Ви благодариме што дојдовте да се соочите со вашиот страв“, рекоа основачите на групата едногласно пред толпата. „Разбирливо е дека многу луѓе се плашат. Сепак, не е секогаш лошо, стравот е добар слуга и ни помага да преживееме.“
На демонстрациите имаше и видеообраќање на сопругата на претседателот на Украина, Олена Зеленска, која ги повика луѓето да останат фокусирани на она што се случува во нејзината земја.
„Нема да дозволиме Русија да нѐ вовлече нас или целиот свет во темнина“, рече таа на украински. „Мракот никогаш нема да победи. Сè додека луѓето не ги затвораат очите пред војната, нашата светлина никогаш нема да згасне“.
Високите цени на енергијата, поттикнати од војната во Украина, го зголемија притисокот врз владите низ цела Европа да го ублажат ударот од зголемените трошоци за енергија за потрошувачите и компаниите, вели Ројтерс.
Во Чешка, владата на премиерот Петр Фиала ги потпиша санкциите на ЕУ против Русија и зазеде цврст став во врска со инвазијата на Москва на Украина. Исто така, усвои низа мерки, вклучително и финансиска помош за компаниите и ограничувања на цените на електричната енергија за домаќинствата.