Околу 200 километри источно од Москва

Навални е одведен во казнена колонија на издржување на казната

Рускиот опозиционер Алексеј Навални е одведен во област на околу 200 километри источно од Москва каде во една од казнените колонии ќе ја издржува казната од две и пол години затвор.

EPA-EFE

Каде се наоѓа Навални, најпознатиот критичар на рускиот претседател Владимир Путин, не беше познато од четвртокот, кога беше одведен од московскиот затвор во кој беше од апсењето на 17 јануари.

Затворската служба сè уште не објавила информација за тоа каде тој сега се наоѓа.

Властите денес наведоа дека Навални најпрво некое време ќе биде во карантин и дека потоа ќе биде сместен во една од казнените колонии во регионот Владимир, пренесува Франс прес.

Агенциите ТАСС и РИА Новости објавија дека Навални ќе биде префрлен во „Казнената колонија број 2“ во малото место Покров во регионот Владимир, во европскиот дел на Русија.

Руските медиуми јавуваат дека таму казни издржуваат околу 800 затвореници и дека во тој тип колонии важат „вообичаените правила“, што значи дека затворските услови се помалку строги.

Еден од блиските соработници на осудениот опозиционер Леонид Волков напиша на Твитер дека сè уште нема официјална потврда од затворската служба за судбината на Навални и дека неговите роднини и адвокати не се информирани за ништо, што во Русија е чест случај при префрлање на осудениот во затворска колонија.

Руските казнени колонии се некогашните „гулази“ од Советскиот Сојуз и имаат многу лоша репутација – од тврдењата за лош третман на затворениците, дека објектите се таму многу валкани, до раширената тортура.

Многу осуденици во Русија издржуваат казни токму во тие логори, од кои некои се многу оддалечени од градовите и каде работата на затворениците е задолжителна, главно во работилници за шиење или за изработка на мебел.

44-годишниот Навални беше уапсен на 17 јануари, веднаш откако се врати од Германија каде пет месеци го лекуваа од наводното труење за што тој го обвинува Кремљ.

Кремљ ги отфрла тие обвинувања и го обвинува Навални за соработка со западните разузнавачки служби.

Московски суд месецов го осуди Навални на две и пол години затвор, менувајќи му ја условната казна од декември 2014 во затворска, бидејќи не му се пријавил на време на надлежниот орган од Германија.

Апсењето на Навални доведе до бран протести на десетици илјади луѓе низ Русија.

Легенда под Главна слика

EPA-EFE

Програмата за вакцинација во Бугарија може исклучиво да се окарактеризира како фијаско. 

повеќе

Вакцинирањето преку ред, слабата стратегија и лошата комуникација со јавноста ги обележаа првите месеци на вакцинирање во Хрватска која во моментов е близу дното на ЕУ во однос на процентот на вакцинирана популација. 

повеќе