На дневниот ред, според документот во кој имал увид Јуроактив, ќе биде и тоа како Северноатлантската алијанса да се направи уште посилна за соочување на предизвиците од следната деценија и потоа.
Во рамковниот дневен ред се наведува дека НАТО ја гледа иднината на Западниот Балкан во евроатлантската соработка и интеграција за оние кои тоа го сакаат и дека е решен да им помогне на земјите во регионот да спроведуваат реформи во корист на своите граѓани, без оглед дали тие сакаат да се придружат на воениот пакт или не.
Тоа, како што се наведува, не е лесен пат и бара вистинска посветеност и реален напредок во реформите и помирувањето но, се додава, тоа може да се направи, како што покажала Македонија.
Затоа од сите лидери во регионот се бара да покажат посветеност на реформите и помирувањето.
Во врска со Косово во рамковната агенда на состанокот се наведува дека „НАТО е целосно посветен на безбедноста на Косово“, дека редовно ја оценува својата мисија на Косово КФОР и дека сите сојузници се согласуваат дека треба да се задржи актуелната сила од 3.500 војници.
Се додава дека КФОР во согласност со мандатот на ОН ќе продолжи да го обезбедува опкружувањето и слободата на движењето за сите заедници на Косово.
НАТО, исто така, како што се наведува, силно го поддржува продолжувањето на дијалогот на Белград и Приштина со посредување на ЕУ, кој е, како што се истакнува, клучен за регионалниот мир и безбедноста.
Се наведува и дека КФОР им помага на локалните заедници во борбата против епидемијата на коронавирусот, вклучувајќи донации и испораки на медицинска и заштитна опрема, како и храна и облека, и пружање логистичка поддршка за донациите на НАТО членките и партнерите.