„Неприфатливо е тоа што режимот (на белорускиот претседател Александар Лукашенко) ги користи мигрантите за хибридна тактика“, се наведува во соопштението на НАТО, во кое се изразува загриженост поради ситуацијата.
„Загрижени сме поради неодамнешната ескалација на границата меѓу Полска и Белорусија. Ја повикуваме Белорусија да го почитува меѓународното право“, се додава.
НАТО порачува дека ќе се грижи за безбедноста на своите членки, а генералниот секретар на воениот пакт Јенс Столтенберг ќе продолжи внимателно да ја следи ситуацијата „која врши притисок“ врз три сојузнички земји – Литванија, Летонија и Полска.
Европската Унија исто така го обвинува Лукашенко дека го оркестрира мигрантскиот бран, кој доаѓа главно од Блискиот Исток, како одмазда за санкции кои му ги наметна Брисел.