На заминување, Џонсон се спореди себеси со ракета и со римски диктатор (ВИДЕО)

Споредувајќи се себеси со ракетен засилувач што ја завршил својата мисија, Борис Џонсон денеска се збогуваше со својата канцеларија и резиденција на Даунинг стрит и рече дека планира да му се врати на помирниот живот. Во типично бомбастичен говор, премиерот во заминување отворено ги нападна оние членови на неговата Конзервативна партија што ги обвинува дека го принудиле да поднесе оставка и, за да им докаже дека грешат, наведе неколку работи што ги смета за свои политички успеси.

Фото: ЕПА

Тој, исто така, се осврна на класиците, споредувајќи се со Цинцинат, римскиот диктатор што, и покрај својата напредна возраст, ја напуштил својата мала фарма за да го преземе раководството на римската држава и да се бори против инвазијата. Цинцинат ѝ се вратил на својата фарма, но легендата вели дека тој бил вторпат повикан да помогне во друга криза, што ги натера некои да се запрашаат дали и Џонсон (58) има намера да се врати.

„Дозволете ми да кажам дека сега јас сум како еден од оние ракетни засилувачи што ја исполниле својата цел и сега мирно ќе се вратам во атмосферата и ќе паднам незабележливо во некој оддалечен и малку познат агол на Пацификот“, рече Џонсон додека стоеше пред влезот на неговата канцеларија, на Даунинг стрит 10.

„Како и Цинцинат, и јас му се враќам на мојот плуг.“

Џонсон беше принуден да поднесе оставка во јули по три години на функцијата, откако голем број министри и други блиски соработници, предводени од министерот за финансии Риши Сунак, го напуштија поради серија владини скандали.

Засега не се знае што ќе биде понатаму, но тој никогаш не бил далеку од очите на јавноста. Тој ја поддржа својата наследничка, министерката за надворешни работи Лиз Трас, а извор што со години тесно соработува со него рече дека тој нема да ѝ прави никакви проблеми во парламентот.

Неговите најблиски соработници рекоа дека тој повеќе нема да биде „јавен имот“, сугерирајќи дека ќе се повлече од медиумскиот циркус што го следи со децении. Но тој сигурно ќе сака да заработи пари, вели извор што работел со него, и најверојатно ќе му се врати на пишувањето профитабилни колумни во весниците, а може да бара и место во одборот на некоја инвестициска фирма.

Тој ќе продолжи да ѝ помага на Украина, а можеби и ќе ја заврши книгата за Шекспир што требаше да биде објавена во 2016 година. Но, за повеќето коментатори, големото прашање е дали тој ќе се обиде да се врати како премиер, што многумина очекуваат од него, бидејќи уште како дете рекол дека сака да биде „крал на светот“, според еден од неговите биографи.

Одговорот на тоа прашање сѐ уште не е познат, а еден извор рече дека тоа е малку веројатно. Неговата популарност опадна, а анкетите покажуваат дека повеќето гласачи мислат дека тој не бил добар премиер. Но Едвард Листер, неговиот долгогодишен близок советник и шеф на кабинетот 2020/21 верува дека не треба да биде отпишан.

„Па, можеби во иднина, никогаш не би рекол никогаш кога станува збор за Борис Џонсон, сè е можно“, изјави тој за Скај њуз во неделата, на прашањето дали Џонсон ќе се врати. „Тој ќе следи сè и, ако нешто се случи во иднина (...), тогаш сè е можно. Не сакам да прогнозирам, само велам дека јас никогаш не би го отпишал.“

Легенда под Главна слика

Фото: ЕПА

Ракот на корупцијата и понатаму е ендемичен, а актуелната власт сè повеќе потпаѓа под лошите навики на претходниот режим на Никола Груевски.

повеќе

Ех какво време дојде, да се стремиме кон нула. Уште повеќе, да постигнеме нула.

повеќе

Како да ги зачуваме националните и креативни наследства со помош на вештачката интелигенција?

повеќе