Минатата година е шестата најтопла година на Земјата од почетокот на мерењата

2021 година е шестата најтопла година на Земјата од почетокот на мерењата, соопшти во четвртокот американската Национална управа за океани и атмосфера.

Фото: ЕПА

Просечната температура на површината на копното и океаните минатата година беше за 1,51 степен повисока од просекот во 20 век, објави Националната управа за океани и атмосфера (НОАА) во новиот извештај. Посебна анализа на НАСА, исто така, заклучи дека 2021 година е шестата најтопла година забележана и изедначена со 2018 година. Експертите од двете агенции велат дека трендот на глобалното затоплување првенствено е поттикнат од емисиите на стакленичките гасови.

„Јасно е дека секоја од последните четири децении била потопла од претходната“, рече Расел Восе, шеф на одделот за следење на климата на НОАА. „Се разбира, сето ова е поттикнато од зголемувањето на концентрацијата на гасовите што ја задржуваат топлината, како што е јаглеродниот диоксид“.

Минатата година беше 45-та година по ред кога глобалните температури се искачија над просекот, што значи дека планетата немала година поладна од просекот од 1976 година, се вели во извештајот. Покрај тоа, сите години од 2013 до 2021 година се меѓу 10-те најтопли години од почетокот на водењето евиденција во 1880 година.

Восе рече дека има „99 проценти шанси“ дека 2022 година исто така ќе се рангира во првите 10. „Заклучокот е дека навистина не е важно како ја правите анализата - сите ви велат дека Земјата доста драматично се загреала во минатиот век“, рече тој.

Соединетите Држави севкупно поминаа уште полошо од остатокот на планетата и 2021 година е рангирана како четврта најтопла година забележана во САД, според НОАА. Многу од акутните ефекти на затоплувањето беа почувствувани во западниот дел на Соединетите Држави, каде екстремна суша, екстремни шумски пожари и врели топлотни бранови се совпаднаа со најжешките лета во Калифорнија.

Топлотниот бран во северозападниот Пацифик во јуни ги собори температурните рекорди на сите времиња во Вашингтон и Орегон, додека пожарот Дикси, кој избувна во јули во округот Плумас, Калифорнија, стана вториот најголем шумски пожар во државата.

Но, регионот не беше сам во своето искуство бидејќи глобалното затоплување придонесе за значајни климатски аномалии ширум светот, вклучително и големи поплави во Германија, песочни бури во Пекинг и најлошата напаст на скакулци во Источна Африка во последните децении.

„За жал, секако очекуваме да видиме уште вакви екстреми во светот што се загрева“, рече Восе. „Некои од овогодинешните настани веројатно не беа ни можни без глобалното затоплување - или барем тоа ги влоши“.

Само во САД, имаше 20 посебни временски и климатски катастрофи, секоја со штета од милијарда долари, во кои загинаа најмалку 688 луѓе - повеќе од двојно од 262 загинати една година порано, според извештајот. Вкупната штета од овие американски катастрофи изнесува приближно 145 милијарди долари.

Меѓу тие аномалии беа ледениот бран во Тексас во февруари, еден од најстудените настани во САД во повеќе од 30 години, и ураганот Ајда, кој го погоди североисточниот дел со невидени врнежи во септември и резултираше со десетици смртни случаи. И во декември, речиси 70 торнада оставија најмалку 90 мртви во неколку југоисточни држави.

Иако научниците не можат да кажат дека овие настани се предизвикани од зголемените температури, тие велат дека глобалното затоплување влијае на многу екстремни временски настани. „Ќе се открие дека затоплувањето предизвикано од човечкото делување придонесува за многу топлотни бранови, интензивни врнежи и поплави“, рече Гевин Шмит, директор на Институтот за вселенски истражувања Годард на НАСА.

Независна анализа на непрофитната истражувачка организација Беркли Ерт, исто така, покажа дека 2021 година е шестата најтопла година на Земјата. Нивниот извештај проценува дека 1,8 милијарди луѓе доживеале рекордно висок годишен температурен просек во 2021 година, вклучувајќи го и мнозинството од кинеското население. Вкупно 25 земји забележаа нов рекорд на високи просечни температури.

Во меѓувреме, научниците од европската програма за набљудување Коперник ја прогласија 2021 година за петта најтопла во светот. Минатата година не беше толку жешка како 2020 - која е изедначена со 2016 како најтопла година досега - делумно поради Ла Ниња, која се задржа во поголемиот дел од 2021 година.

Ла Ниња донесува студени океански води на површината и може да придонесе за малку пониски глобални температури. Но, вкупната содржина на топлина во океанот - што ја опишува количината на топлина складирана во горните нивоа на океанот - ја надмина онаа од 2020 година и достигна рекорд минатата година, според извештајот на НОАА.

Седумте највисоки измерени топлински содржини на океаните се забележани во последните седум години. „Поентата е дека океаните складираат екстремно многу топлина“, рече Восе. Загрижувачко е и континуираното губење на арктичкиот морски мраз.

„Промените на температурата на Арктикот одат три пати побрзо од глобалните просечни вредности“, рече Шмит, а загубите на морскиот мраз имаат далекусежни последици бидејќи топењето на глечерите и ледените плочи придонесуваат за зголемување на нивото на морето и топење на вечниот мраз што ослободува јаглерод, влошувајќи ги климатските промени.

„Последниве седум години изгледаат како некоја аномалија, но дојдовме до точка кога податоците за глобалното затоплување за кои овде зборуваме веќе не се езотерични или академски показатели за тоа што се случува, туку се рефлектираат на времето и настаните што ги гледаме“, рече тој.

Со години, научниците и светските претставници повикуваат на ограничување на зголемувањето на глобалната просечна температура на само 1,5 степени Целзиусови. Восе рече дека сега има шанса 50/50 барем една година во текот на оваа деценија да го достигне тој праг и дека овој праг на просечна глобална температура речиси сигурно ќе биде надминат во 2030-тите или почетокот на 2040-тите.

„Сè уште не сме таму, но се приближуваме до таа точка, а траекторијата веројатно нема да се промени сè додека продолжиме да емитираме стакленички гасови“, рече тој. Напорите за ублажување на емисиите на стакленички гасови би можеле да го запрат доаѓањето на тој момент, но веројатно не можат целосно да го поништат поради фактот што емисиите на јаглерод диоксид може да се задржат во атмосферата стотици години.

„Ако достигнеме до нето нула за јаглерод диоксид, а ги намалиме и другите стакленички гасови, тогаш можеме да ги стабилизираме температурите“, рече Шмит. „Нема да се олади, но нема да се влоши. Иако границата од 1,5 степени Целзиусови е значајна, не е дека ефектите од климатските промени веќе не се започнати“, рече тој, истакнувајќи дека најверојатно ќе има повеќе последиците во годините што доаѓаат.

„Ќе гледаме се повеќе и повеќе екстремни топлотни бранови и поинтензивни врнежи и повеќе крајбрежни поплави“, рече Шмит. Можеби следната година нема да биде северозападниот дел на Пацификот, но ќе биде некаде и очигледно мораме да бидеме подготвени“.

Легенда под Главна слика

Фото: ЕПА

(Насловот е на турски со причина, во превод, „писмо или револвер“.)

повеќе

Со фактот што Европа продолжува да плаќа милијарди долари за рускиот гас секој месец, таа и понатаму игра онака како што свири Кремљ, покажувајќи на тој начин дека е заробеник на сопственото задоволство.

повеќе

Грејната сезона заврши во месец април како и секоја година, но последнава беше со многу проблеми кои произлегоа од енергетската криза, од војната во Украина и генерално од светската економска криза.

повеќе