Босански Кликс тврди дека има потврда од дипломатски извори дека Милановиќ го негирал геноцидот во Сребреница пред шефовите на државите од Западниот Балкан.
Кликс пишува дека по изјавата на Милановиќ на присутните им се обратил претседавачот на Претседателството на БиХ Шефик Џаферовиќ, кој го предупредил хрватскиот претседател дека станува збор за негирање геноцид и дека за тоа постојат докази во судот во Хаг.
Изјавата на Милановиќ наводно ја критикувале и други претседатели. Биле присутни црногорскиот претседател Мило Ѓукановиќ, албанскиот претседател Бајрам Бегај и претседателот на Македонија Стево Пендаровски. Српскиот претседател Александар Вучиќ не бил присутен на работниот ручек.
Наводно во одбрана на Милановиќ застанал српскиот член на претседателството на БиХ Милорад Додик, кој се обидел да го оправда ставот на хрватскиот претседател.
Бошњачките политичари, верските организации и невладини организации му се нафрлија денес на хрватскиот претседател Милановиќ поради наводната изјава дека во Сребреница немало геноцид, по што реагираше неговиот кабинет.
„Тоа е лага, а лаги не коментираме“, соопшти кабинетот на хрватскиот претседател за наводната изјава на Милановиќ.
Исламската заедница во БиХ наведе дека негирањето геноцид е навреда за жртвите, а пред сè за мајките на Сребреница, и претставува поддршка за „извршителите и политиките кои таа идеологија и денес ја слават“.
Потпретседателот на Претставничкиот дом на Парламентарното собрание на БиХ Денис Звиздиќ го нарече Милановиќ „политички Франкенштајн, лицемер и лице со ниски морални и човечки квалитети чие кочијашко политичко дејствување се случува во триаголник на макијавелизмот, боснофобијата и исламофобијата.
Милановиќ по ваквата ултранационалистичка и нихилистичка изјава едноставно треба да се презре, институционално и лично. И Трајно“, порача Звиздиќ во соопштението.