Шефот на полицијата во Отава Питер Слоли кажа дека конвојот демонстранти кои бараат повлекување на обврската за вакцинирање почнал да пристигнува во градот. „Протестите овој викенд ќе бидат единствени, динамични, ризични и значајни. Тие се протести од национален карактер и се масовни. За жал, тие се со поларизирачка природа“, кажа Слоли.
Во последните две недели Канада и Соединетите Американски Држави воведоа обврска за вакцинирање на прекуграничните возачи на камиони. Некои луѓе тоа ги разгневи па организираа конвој камиони во западна Канада кој тргна кон главниот град Отава. Но конвојот стана многу повеќе од само протест, привлече многумина кои се генерално против владините мерки против короната.
Од полицијата кажаа дека во Отава пристигнуваат повеќе конвои од различни делови на Канада, а бројките во конвоите постојано се менуваат и се непредвидливи. Полицијата во Отава во средата кажа дека на протестот се очекуваат меѓу илјада и две илјади луѓе. Во петокот наутро полицијата од Кингстон кажа дека во едниот камион има 551 возило, вклучувајќи камиони и лични возила.
Протестот го поддржаа и познати скептици против коронавирусот, познатиот подкастер Џо Роган и шефот на Тесла Илон Маск. Роган во фокусот на јавноста стигна откако во еден свој поткаст изјави дека во Отава стигнуваат 50.000 возачи на камиони. Бројот на камиони и камионџии кои пристигнуваат во главниот град на Канада не е официјално потврден.
Наспроти тоа, премиерот Џастин Трудо ги нарече демонстрантите „мало маргинално малцинство кое е на пат кон Отава и има неприфатливи ставови“.
Камионите, камионетите и другите возила поминаа денес низ центарот на Отава, многу од нив имаа закачено превртени знамиња на Канада, САД и Онтарио, а некои носе натписи против канадскиот премиер Трудо.
Шефот на полицијата најави дека најголемиот протест ќе се случи утре, а ќе продолжи цел викенд, а многу веројатно ќе продолжи и следниот викенд. Најавено е снимање на протестите за полицијата подоцна да може да го процесира потенцијалното насилно однесување и кршење на законите.
Сојузот на канадски камионџии проценува дека околу 15 отсто од сите возачи на камиони, околу 16.000, не се целосно вакцинирани, што значи дека повеќе нема да може да ја минуваат границата по оваа одлука. Сојузот остро осуди какви било протести на јавните патишта, автопатите и мостовите и ги повика сите камионџии да се вакцинираат.