Марин ле Пен доби институционална моќ

Резултатите од парламентарните избори во Франција најавија промена на пејзажот на француската политичка сцена, бидејќи гласачите масовно ги поддржаа екстремните партии од двете страни и ја оставија центристичката алијанса на претседателот Емануел Макрон Заедно значително ослабена, и покрај тоа што освои најмногу места во парламентот.

Фото: ЕПА

Иако левичарската алијанса Нупес, предводена од Жан-Лик Меланшон, со 131 место ќе биде најсилната опозициска партија, голем победник на изборите е и екстремно десничарската партија Национален собир, која освои 11 пати повеќе пратенички места отколку на претходните парламентарни избори, во 2017 година.

Со 89 пратеници во Националното собрание, во споредба со 8-те досега, Национален собир, предводен од Марин ле Пен, сега има доволно пратеници за да конституира парламентарна група и да бара места во парламентарните комисии, вклучително и оние што се фокусираат на одбраната и надворешната политика. Исто така, десничарите имаат доволно пратеници за да покренуваат процедури што би можеле да доведат до изгласување недоверба на владата.

Ле Пен, која пред само неколку месеци загуби од Макрон на претседателските избори, исходот од гласањето го нарече „историска победа“ и „сеизмички настан“.

„Макрон сега е малцински претседател... Неговиот план за реформа на пензискиот систем е погребен“, рече вчера Ле Пен. „Влегуваме во парламентот како многу силна група и како такви ќе ја бараме секоја позиција што ни припаѓа.“

Политичкиот аналитичар Брис Тјентурие, заменик-генерален директор на истражувачката агенција Ипсос, рече дека исходот од парламентарните избори значи дека „Национален собир сега се институционализира“, што значи дека десничарите, кои за разлика од левичарската коалиција Нупес се похомогени и подисциплинирани, ќе добијат поголем јавен простор и поголема финансиска помош, што ќе им овозможи подобро да ја подготват следната кампања.

Тјентурие смета дека новиот состав на францускиот парламент е израз на „желбата на францускиот народ да ја смени рамнотежата“ на резултатите од претседателските избори. „Јасна е волјата целата моќ и апсолутното мнозинство да не одат кај Емануел Макрон, како и да му бидат наметнати одредени ограничувања, тој е ставен под некаков надзор“, рече Тјентурие.

Многу аналитичари го опишуваат изборниот резултат како голем личен пораз за Макрон, кој може да го оцрни неговото дело.

Кога Макрон првпат беше избран во 2017 година, тој беше релативно непознат и водеше движење што се чинеше дека се појави од никаде и ги турна настрана традиционалните партии на левиот и десниот центар.

„Целта на Макрон беше, на некој начин, да ја деполитизира француската политика. Тој сакаше поголем центар, кој ќе ги собере луѓето и од левицата и од десницата, кои ќе се обидат да ги решат проблемите на Франција со непартиски здрав разум“, изјави за Си-ен-ен Жерар Арод, поранешен француски амбасадор во САД. „Наместо тоа, постои чувство дека единствената алтернатива на Макроновите центристи се политичарите од екстремната левица и десница“, рече тој.

Орелиен Мондон, која предава на Универзитетот во Бату на темата екстремно десничарска политика и радикализација, смета дека најголемиот неуспех на Макрон е тоа што успеал да постигне Марин ле Пен и крајната десница да изгледаат нормално.

„Поради идејата за голем центар, Макрон и неговите сојузници се најдоа во опозиција на екстремната левица и екстремната десница, што значеше дека Ле Пен може да се вброи во истата категорија како Нупес“, рече Мондон.

Губењето на контролата во парламентот значи дека Макрон ќе мора да се откаже од пристапот кон политиката „од врвот кон дното“, кој самиот го нарече „јупитерски“, и да заземе покомпромисна позиција.

„Вака поделениот парламент веројатно ќе резултира со политички ќор-сокак, со многу побавна реформска агенда“, изјави Филип Гуден од Беркли за Ројтерс. „Тоа ќе ја ослаби позицијата на Франција во Европа и ќе ја загрози нејзината фискална позиција, која и онака е слаба.“

Дипломатската политика на Макрон не се очекува да биде засегната веднаш, вклучително и силната поддршка за Украина. Според Уставот, Макрон задржува значителни овластувања во надворешната политика, европските прашања и одбраната, без оглед на тешкотиите со кои се соочува неговата алијанса во парламентот.

Легенда под Главна слика

Фото: ЕПА

На 6 октомври 1946 година почна носењето на моштите на Гоце Делчев од Софија во Скопје, столицата на слободна Македонија.

повеќе

Постои нужна потреба од прилагодување на студиските програми, соодветните силабуси и наставниот курикулум на реалната потреба на пазарот на труд во државата.

повеќе

Во текот на оваа и претходната година, инфлацијата ја задуши македонската економија. 

повеќе