За време на прес-конференцијата во Москва Лавров кажа дека пристапот на новата премиерка нема да ѝ помогне на Британија на светската политичка сцена, пренесува Ројтерс.
„Трас се обидува да ги брани британските интереси без да ја земе предвид позицијата на другите. И тоа го прави без каков било обид за компромис. Не мислам дека тоа ќе ѝ помогне на Британија да ја задржи или зајакне својата позиција во меѓународната политичка арена. Британија очигледно е разнишана откако ја напушти Европската Унија“, смета Лавров.
Рускиот министер за надворешни работи ја исмеа новата шефица на британската влада за време на говорот поради нејзините неодамнешни изјави за францускиот претседател, чија држава е клучен сојузник на Британија во НАТО. За време на предизборната кампања минатиот месец Трас коментираше дека сè уште не одлучила дали Макрон е пријател или непријател.
„Приоритетот на Лиз Трас би требало да биде приближувањето кон своите соседи, што вклучува и одлучување околу тоа дали Макрон ѝ е пријател. Тоа прашање сè уште виси во воздух“, кажа Лавров.
Портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков отворено кажа дека не е задоволен со Трас на чело на Британија. Истиот став го делат и руските политичари кои се огласија за нејзината победа, осудувајќи го нејзиниот „антируски став“.
Лавров искоментира и дека Британија се однесува агресивно околу целата ситуација со Украина.