Курти за Катимерини: На Косово и во Албанија е еден народ, границата ни ја наметнаа Југославија и Србија

Грчкиот весник Катимерини објави интервју со косовскиот премиер Аљбин Курти, за кого се наведува дека и понатаму инсистира на обединување со Албанија, без оглед на последиците.

EPA-EFE

Како што наведува грчкиот весник, косовскиот премиер на својот прв настап на Делфи економскиот форум претходно месецов се залагал за целосно признавање на Косово и негово примање во Европската Унија и НАТО, дури и без договор за нормализација на односите на Србија и Косово.

Истовремено, тој не крие дека сака да го види Косово во мирно обединување со Албанија и не е загрижен за потенцијалната нестабилност предизвикана од неговата политика.

Тој во интервјуто го повторил барањето за целосно признавање на Косово од страна на Србија како неопходен услов за договор – барање за кое Србите велат дека ниеден српски политичар не може да го исполни во догледна иднина, а да не биде избркан од политиката. Неговата главна грижа е потенцијалното прелевање на војната во Украина на Западниот Балкан.

„Јас сум премиер на Косово една година и за таа година пензиите се зголемени за 11 отсто, инвалидските за 33 отсто. Обезбедивме субвенции за новите мајки и деца и не правиме дискриминација според етничката припадност или вероисповедта. Сакаме тесна соработка со Албанија, но не на штета на малцинствата. Албанија и Косово се две различни држави, но не и два различни народи. Проблем е кога Белград се уфрла и сака да ја поткопа нашата државност и нашите институции. Тогаш е природно да сакаме да бидеме посилни, бидејќи Србија е многу посилна од нас“, порача Курти.

На прашањето за Бриселскиот договор и формирањето на Заедницата на српски општини, што Приштина не го исполнува, Курти ја префрла топката на Белград и вели дека постојат 33 договори, од кои Белград не сака да спроведе повеќе од две третини, а инсистира само на тој.

„Кажано е дека Заедницата на српски општини со духот и зборот го крши уставот. Нема инциденти меѓу Албанците и Србите. Србија е друго прашање“, додаде тој.

На прашањето зошто мисли дека Србите од Косово би се согласиле со неговата визија на обединување на Косово и Албанија, косовскиот премиер кажа: „Мислам дека сите Срби на Косово сакаат работа и правда, не мислам дека се против мене како премиер. Имам српски министер, Србите се застапени во сите институции, но Белград врши голем притисок врз нив да не бидат лојални на Република Косово. Се бориме против организираниот криминал и корупцијата како никој друг во регионот. Годинава уапсивме 270 државни и јавни функционери за корупција, што нашата власт ја прави симпатична и за малцинствата. Јас не сум само премиер на Албанците, јас сум премиер на сите. Косово е сè поуспешно.

Тој кажа и дека референдум за обединување со Албанија според косовскиот устав не е дозволен, како и дека е тешко да се смени тоа бидејќи станува збор за устав кој е меѓународно уреден.

Но додава дека смета дека Косово и Албанија се еден народ. „Невозможно е да заборавиме дека таа граница меѓу Србија и Албанија ја наметнаа Србија и Југославија. Тоа е граница која не е наша. А сега ако Србија го нападне Косово, ние не реагираме само како Косово, ние реагираме како албански народ, бидејќи Србија има многу близок сојузник во Москва и е поголема од нас, така што реагираме на начин кој нè приближува на успешна одбрана“, додава Курти.

На констатацијата дека не звучи како некој кој вложува напор за нормализација на односите со Србија, Курти одговори дека со српскиот претседател Александар Вучиќ се сретнал два пати во јуни и јули минатата година.

„Имавме еден договор за реципроцитет за автомобилските таблички. Креативен сум, конструктивен и посветен. Сакам договор. Но договорот мора да има заемно признавање како централен дел. Американскиот претседател (Џо) Бајден и американскиот државен секретар (Ентони) Блинкен се многу јасни. Функционерите во Брисел, ако ги сретнете подолго од пет минути, велат дека нема начин да се одмине независноста. Признавањето на нашата независност ќе биде добро за Србија, бидејќи следната генерација ќе расте без овој хегемонистички сон за враќање на Косово на Србија“, кажа Курти.

Му беше поставено и прашањето дали е загрижен за влијанието на неговата политика врз регионалната стабилност, на што кажа дека со неговата влада има повеќе мир, стабилност и безбедност, а не помалку. „Нема да дозволам кој било Србин на Косово да биде оштетен поради националноста. Нашата полиција е тука за сите. Му порачувам на Белград: „Косово го изгуби режимот на Милошевиќ. Зошто не се дистанцирате?““.

Легенда под Главна слика

EPA-EFE

Со францускиот предлог на патот кон ЕУ македонскиот народ ќе ја изгуби историската тапија врз сопствената свест и наследство.

повеќе

Ако пак се натури овој бесмислен консензус на Франција, кој ги признава сите емоции на Бугарија, тогаш оваа неспособна власт ќе не одведе подлабоко од сегашниот амбис.

повеќе

Во новите предлози се направени само формални, но не и суштествени промени, во однос на претходниот предлог (кој Владата го нема објавено).

повеќе