Меѓу уапсените се Љубов Собол, адвокат и сојузник на Навални, Владлен Лос, адвокат на Фондацијата за борба против корупцијата, Анастасија Панченко, координаторка на организацијата на Навални во јужниот Краснодарски регион, Георгије Албуров, вработен во споменатата фондација и портпаролката на Навални, Кира Јармиш.
Доцна во четвртокот вечерта Собол излегла од полициската станица во Москва каде што била од утрото.
„Кремљ има напад на паника. Тие наредуваат сите да бидат приведени“, изјави Собол за телевизиска програма на Радио Слободна Европа на руски јазик, пред полициската станица, опишувајќи го однесувањето на владата како „апсолутно беззаконие“.
Неколкумина притворени имаат закажано рочиште денеска, вклучувајќи ги Јармиш и Собол. Лос, кој е белоруски државјанин, на Твитер напиша дека е накратко приведен и информиран дека треба да ја напушти Русија до 25 јануари.
Полициската акција се случува два дена пред планираните демонстрации во неколку десетици градови в сабота, 23 јануари, како поддршка на Навални по неговото затворање минатиот викенд по враќањето во Русија од Германија, каде што од август се лекуваше од скоро фатално труење со нервен агенс.
На Навални, најистакнатиот критичар на рускиот претседател Владимир Путин, од 18 јануари му беше одреден притвор во траење од еден месец на скратеното рочиште во полициска станица во Москва ден по неговото пристигнување од Германија.