Пактот за намалување на стратегиското оружје, познат како Нов СТАРТ, истекува на 5 февруари.
Портпаролот на рускиот претседател Владимир Путин, Дмитриј Песков, кажа дека Русија се залага за продолжување на договорот и дека чека да ги види деталите на американскиот предлог.
Белата куќа синоќа соопшти дека Бајден ѝ предложил на Русија петгодишно продолжување на договорот Нов СТАРТ.
Според договорот, кој во 2010 го потпишаа тогашните претседатели на САД и Русија Барак Обама и Дмитриј Медведев, двете сили смеат да имаат најмногу 1.550 разместени нуклеарни боеви глави и 700 разместени ракети и бомбардери.
Новиот СТАРТ е единствениот преостанат американско-руски договор за контрола на нуклеарното вооружување откако двете сили, прво САД па Русија, се повлекоа од Договорот за нуклеарните сили со краток и среден дострел, познат како ИНФ, потпишан во 1987 година.
Се смета дека истекувањето на важноста на договорот би бил удар за глобалната безбедност.