Владејачката Српска напредна партија (СНС) го изгуби мнозинството, а ниедна политичка партија и коалиција не успеа да обезбеди доволно мандати за избор на градоначалник и градски совет на изборите на 3 април, одржани заедно со претседателските и парламентарните избори.
По броењето на гласовите во Белград се утврди дека напредњаците на Вучиќ со партнерите на една и опозицијата од друга страна имаат по 55 мандати, што никому не му овозможува да формира власт во градскиот совет со 110 советници.
Опозицијата ја доведе во прашање и регуларноста на изборите на повеќе десетици гласачки места и побара повторување, што на повторното гласање би можело да изнесе на гласачките места 110.000 белграѓани, но Градската изборна комисија одби 85 приговори на опозициската коалиција па гласањето ќе се повтори на само четири гласачки места.
По разговорот со Вучиќ, Ѓилас на новинарите им кажа дека „се знае процедурата“ и дека во услови кога нема јасно мнозинство би требало да следи воведување привремена власт и нови избори за српската престолнина.
Ѓилас оцени дека „власта не би била легитимна“ ако од опозицискиот корпус некој „претрча“ на страната на напредњаците бидејќи тоа не би бил израз на волјата на граѓаните кои не му дадоа мнозинска поддршка на СНС.
Аналитичарите не ја исклучуваат можноста во Белград во догледно време да бидат организирани нови избори.
На претседателските избори во Србија на 3 април Вучиќ во првиот круг избори втор последователен мандат, но неговата партија изгуби значителен број места во парламентот, иако коалицијата која ја предводи СНС освои 120 пратеници па со поддршка од малцинските партии може да обезбеди мнозинство за формирање влада.