Портпаролката на американската Управа за општи работи (ГСА) кажа дека заменичката шефица на ГСА Алисон Бригати ќе разговара со претседателката на Претставничкиот дом и републиканските пратеници во четири одбори на Претставничкиот дом на 30 ноември, на барање на демократите.
Притисокот продолжува да расте врз малку познатата сојузна агенција чие формално признавање на резултатите од американските избори е клучно за преносот на власта од администрацијата на Трамп на тимот на Бајден, што се смета за важно за националната безбедност, одговорот на пандемијата на ковид-19 и други клучни области.
Шефицата на ГСА Емили Марфи сè уште не го „утврдила“ победникот на изборите и официјално не ја одобрила транзицијата. А Бајден треба да ја преземе должноста на 20 јануари.
На национално ниво, Џо Бајден на изборите доби речиси 80 милиони гласа, додека актуелниот американски претседател Трамп освои 74 милиони гласа.
Бајден освои 306 електорски гласа, во однос на 232 освоени од Трамп.
Трамп, меѓутоа, и понатаму бара од републиканската партија да се „бори“ и да не им дозволи на демократите „да ги уништат доказите“ за изборна измама.
Меѓутоа, од него полека се дистанцираат дури и неговите републиканци и повикуваат на почеток на постапката на транзиција.
Клучна американска сојузна агенција сè уште ја нема признато победата на Бајден
Клучна сојузна агенција на САД која мора да ја одобри претседателската транзиција по американските избори и да го признае Џо Бајден за победник соопшти денес дека сè уште не ја одобрила транзицијата, но дека за тоа ќе го извести Конгресот следната недела.