Увозот скокнал за 13,2 проценти од истиот период минатата година, откако падна за 2,1 процент во август, што сигнализира закрепнување на трошењето и инвестициите на владата од кризата предизвикана од ковид-19. Извозот исто така се зголемил, за 9,9 проценти во споредба со септември минатата година.
Кинеските фабрики работат бидејќи Пекинг во голема мера успеа да го запре ширењето на коронавирусот додека САД и европските земји доживуваат втор голем бран на ширење на вирусот.
По повторното отворање на продавниците во март, кинеските производители имаа пристап до заеми за да ја надминат пандемијата. Кина извезува многу маски и медицинска опрема потребни низ целиот свет, како и потрошувачка електроника, која е особено барана стока за време на пандемијата.
Помеѓу јануари и септември, кинескиот извоз падна за благи 0,8 отсто, а увозот за 3,1 процент.
Во септември, кинескиот извоз во САД скокна 20,5 проценти, а увозот 24,7 проценти, во согласност со трговскиот договор со САД, со кој Пекинг се обврза дека во следните две години ќе купува американски производи и услуги во вредност од најмалку 200 милијарди долари повеќе од 2017 година.
Договорот ја прекина штетната трговска војна во која двете земји воведоа тарифи во вредност од милијарди долари, задушувајќи ја светската економија, потсетува дпа.