Австралискиот премиер Скот Морисон побара Пекинг веднаш да го тргне „гнасниот“ твит и да се извини. Портпаролот на кинеското министерство за надворешни работи Жао Лиџијан ја објави модифицираната фотографија во момент кога односите на двете земји се на ниско ниво и кога е објавен извештајот за злосторствата на австралиските специјални сили во Авганистан.
Покрај фотографијата на која се гледа австралиски војник како убива дете што држи овца, пишува: „Не плашете се, доаѓаме да ви донесеме мир“.
Shocked by murder of Afghan civilians & prisoners by Australian soldiers. We strongly condemn such acts, &call for holding them accountable. pic.twitter.com/GYOaucoL5D
— Lijian Zhao 赵立坚 (@zlj517) November 30, 2020
Директорот на одделот за информации на кинеската дипломатија Хуа Чунјинг им се обрати денес на медиумите поддржувајќи го својот колега: „Австралиската страна баш бурно реагира на твитот на мојот колега. Дали тоа значи дека тие мислат дека суровото убивање на Авганистанците е оправдано: Животите на Авганистанците значат... Зарем австралиските војници не треба да се засрамат?“, праша Хуа и потсети дека австралиските војници вршеле злосторства во Авганистан што го утврди и нивната влада и дека тие се тие што треба да се извинат.
Неодамнешен извештај на австралиските власти откри веродостојни информации дека 25 австралиски војници биле вклучени во убиства на 29 авганистански цивили и затвореници во периодот од 2009 до 2013 година. Извештајот на Австралиските одбранбени сили предизвика јавна осуда, а сега го истражува полицијата.
Би-би-си наведува дека монтираната фотографија се однесува на претходните обвинувања дека елитни австралиски војници со ножеви убиле двајца 14-годишни Авганистанци. Австралиската телевизија Еј-би-си објави дека извештајот за злосторствата не се однесува на тие конкретни обвинувања.
Најновиот конфликт доаѓа по заладувањето на односите меѓу двете земји. Австралија планира да ѝ се жали на Светската трговска организација поради високите кинески даноци на австралискиот јачмен, додека Пекинг ја критикува австралиската влада поради константното покажување со прст на кршењето на човековите права во Кина.