Без осуда на руските напади во Украина

Кина воздржана

Кинеската влада денеска се обиде да го задржи своето деликатно балансирање во врска со украинската криза, повторувајќи ги претходните повици за дипломатија, иако Русија продолжи со напади врз неколку области на Украина, вели Њујорк тајмс.

Фото: ЕПА

Портпаролката на кинеското Министерство за надворешни работи во четвртокот одби на редовниот брифинг со новинарите да ги осуди постапките на Русија, велејќи дека заднината на украинското прашање е „многу комплицирана“. Портпаролката, Хуа Чунјинг, не го опиша нападот како „инвазија“, нарекувајќи го тој термин „неоснована формулација“. И го заобиколи прашањето дали нападот е прекршување на суверенитетот на Украина.

Повеќе од шест часа по почетокот на нападот, главниот напис на веб-страницата на официјалниот весник Народен дневник е за новата комерцијална политика на Внатрешна Монголија. Главна вест на веб-страницата на официјалната новинска агенција Синхуа, пак, беше претстојниот состанок на кинескиот парламент. (Кинеските социјални медиуми, сепак, вриеја од дискусии за конфликтот.)

Амбивалентната позиција на Кина ја одразува дилемата со која се соочува Пекинг. Од една страна, Кина долго време уживаше пријателски односи со Украина и го одржуваше принципот на немешање во работите на другите земји. Исто така, постои загриженост од дополнително отуѓување на Европската Унија и влошување на и онака напнатите односи со Соединетите Држави.

Од друга страна, лидерот на Кина, Си Џинпинг, неодамна прогласи партнерство „без ограничувања“ со рускиот претседател Владимир В. Путин. Обајцата го делат верувањето дека Соединетите Држави се решени да го закочат подемот на нивните земји. Тие сигнализираа желба за светски поредок во кој влијанието на Вашингтон е многу помало.

Зајакнатата врска меѓу Кина и Русија се виде во четвртокот, кога се појавија новински извештаи дека кинеската царинска агенција дозволила увоз на пченица од сите региони на Русија, наместо само од одредени области.

Овој потег беше дел од серијата договори потпишани од Путин за време на неодамнешното патување во Пекинг. За Русија, најголемиот светски извозник на пченица, огромната домашна економија на Кина нуди потенцијален бедем против западните санкции.

Тие блиски врски, вели Њујорк тајмс, беа очигледни и во упатствата што кинеската амбасада во Украина им ги издаде на своите граѓани. Наместо да ги повика луѓето да се евакуираат, како што направија другите земји, денеска амбасадата им порача на Кинезите во Украина да останат дома и ги советуваше оние што патуваат со автомобил видно да го истакнат кинеското знаме на своите возила.

Легенда под Главна слика

Фото: ЕПА

Со францускиот предлог на патот кон ЕУ македонскиот народ ќе ја изгуби историската тапија врз сопствената свест и наследство.

повеќе

Ако пак се натури овој бесмислен консензус на Франција, кој ги признава сите емоции на Бугарија, тогаш оваа неспособна власт ќе не одведе подлабоко од сегашниот амбис.

повеќе

Во новите предлози се направени само формални, но не и суштествени промени, во однос на претходниот предлог (кој Владата го нема објавено).

повеќе