Министрите за надворешни работи на САД, Британија, Австралија, Канада и Нов Зеланд издадоа минатата недела заедничко соопштение во кое изразија „сериозна загриженост поради ерозијата на демократските елементи“ по изборите во Хонг Конг, а одделни медиуми известија дека Кина ги отфрлила повеќето градски продемократски кандидати, наведува ЦМГ.
Портпаролот на Канцеларијата вчера во соопштение ги отфрли забелешките за демократијата, законот за национална безбедност и новиот изборен систем во Хонг Конг.
„Тврдењето дека Британија обезбедила општо право на глас за Хонг Конг е целосно неточно, а во Заедничката кинеско-британска декларација не е спомнато „општото право на глас“ или „демократијата““, истакна портпаролот додавајќи дека не се точни тврдењата на „некои странски политичари и медиуми дека тие антикинески сили се борат за демократија и дека кинеската влада се пресметала со нив во политички цели“.
Портпаролот исто така ги отфрли тврдењата дека новиот изборен систем во Хонг Конг треба да ги исклучи дисидентите, и како пример ја наведе различноста на кандидатите на неодамнешните избори.
Тој ги посоветува политичарите и медиумите во САД и на Западот да ја прочитаат Белата книга која неодамна ја објави Канцеларијата за информирање на Државниот совет и која, како што наведе, претставува сеопфатен преглед на создавањето и развојот на демократијата во Хонг Конг и принципите и ставот на кинеската централна влада.