Кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји и американскиот државен секретар Ентони Блинкен разговараа вчера по телефон.
„Ги повикуваме сите страни да останат смирени и воздржани од дејства кои предизвикуваат тензии и ја влошуваат кризата“, му кажа Ванг на Блинкен, објави во соопштение кинеското министерство за надворешни работи.
Русија бара повлекување на НАТО силите и оружјето од Источна Европа и бара НАТО да се обврзе дека никогаш нема да ја прими Украина во своето членство.
САД и нивните сојузници во НАТО ги отфрлија барањата и нудат дипломатски преговори за низа безбедносни прашања како контрола на вооружувањето и мерки за изградба на довербата.
„Државниот секретар Блинкен ја пренесе пораката дека деескалацијата и дипломатијата се единствениот одговорен чекор напред“, се наведува во соопштението на Стејт департментот. Ванг и Блинкен разговарале и за глобалната безбедност, како и за ризиците од потенцијална руска агресија на Украина, се додава во американското соопштение.
Ванг, алудирајќи на руското противење на ширењето на НАТО на истокот на Европа, му кажал на Блинкен дека безбедноста на една земја не може да биде на штета на други и дека регионалната безбедност не може да се гарантира со јакнење или дури ширење на воените сојузи, објави кинеското министерство.
„За да го решиме украинското прашање, треба да се вратиме на договорите од Минск, почетната точка“, кажа Ванг, мислејќи на договорите потпишани во 2014 и 2015 година во белоруската престолнина, кои Киев одбива да ги спроведе.
„Новиот договор од Минск, кој го одобри Советот за безбедност на ОН, е основниот политички документ кој го признаваат сите страни и треба ефикасно да се спроведе. Сè додека напорите се вложуваат во согласност со насоката и духот на договорот, Кина ќе ги поддржува“, кажа шефот на кинеската дипломатија.