Израелски официјален претставник за Њујорк Тајмс изјави дека иранското нуклеарно оружје претставува закана за целиот свет.
Официјалното лице, кое, според извештајот на весникот, со години учествувало во следење на Фахризаде, изјави дека Израел ќе продолжи да ги презема сите неопходни чекори против иранската нуклеарна програма.
Брук Рајдел, истражувач од Институтот Брукингс и поранешен службеник на американската Централна разузнавачка агенција (ЦИА), за истиот весник изјави дека Израел покажува исклучително ниво на способност да напаѓа важни луѓе на непријателска територија.
„Тоа е без преседан. И нема никакви знаци на ефективно спротивставување на Иранците“, рече Рајдел.
Тој верува дека Израел искористил блиски врски со соседите на Иран, како што е Азербејџан, за следење и регрутирање на оперативци.
Тој оцени дека израелски дронови што Азербејџан ги употребил во неодамнешниот конфликт со Ерменија се веројатно еден аспект на тој однос.
Рајдел рече дека убиството на Фахризаде во бомбашки и вооружен напад од заседа кај Техеран, што во голема мерка му се припишува на Израел, може да биде навестување дека еврејската држава повторно ја активира мрежата на оперативци составена од ирански имигранти во Израел и нивни помагачи во Иран.
„Мислам дека тоа е знак дека играта е во тек или започнува“, рече тој, предупредувајќи дека може да се во подготовка нови напади, осум години по претходниот атентат за кој е обвинет Израел.