Израел воведува уште построг карантин, премиерот вели дека се наоѓаат „на работ на бездната“

Израел е прва земја во светот што воведе втор карантин на ниво на целата земја, а сега се подготвуваат уште повеќе да го заострат, пренесува Би-би-си. Премиерот предупредува дека земјата се наоѓа „на работ на бездната".

Фото: ЕПА

Нови построги мерки на карантин, што прво треба да бидат одобрени од парламентот, ќе вклучуваат забрана на работата на уште повеќе компании отколку досега, а се планираат уште построги ограничувања во движењата.

Следната недела кога Израелците ќе го слават својот најголем верски празник Јом Кипур, синагогите ќе бидат отворени само за мали групи, а ќе биде ограничен и бројот на учесници на протестите.

За уште построгите мерки на вториот карантин почнало да се зборува откако дневниот број на заразени лица во Израел надмина 8.000. Кога се гледа бројот на ново заразени лица по глава на жител, Израел во моментов е меѓу најнеуспешните земји во светот.

Од почетокот на пандемијата, во Израел се забележани повеќе од 206.000 случаи на зараза, а починале 1.335 лица.

Израел на почетокот на пандемијата бил меѓу најуспешните земји во светот, барем во смисла на спречување на ширењето на заразата. Како резултат на тоа првично имале многу ниска смртност во споредба со другите земји. Но, откако во мај почнаа да ги олеснуваат мерките, владата се најде на удар на критики поради губење на контрола над ширењето на вирусот.

Вирусот брзо се прошири низ целата земја и минатиот петок, кога дневниот број на новозаразени надмина 5.000, Израел стана првата развиена земја во светот што повторно воведе карантин на ниво на целата земја.

Училиштата се затворени, а на јавноста ѝ беше кажано да остане во радиус од еден километар од своите домови, со исклучок на одење на работа, купување на витални производи, вежбање на отворено и присуство на верски настани и протести.

Синагогите останале отворени, но со задолжителни мерки за одржување на социјална дистанца, што по дефиниција го ограничува бројот на оние што можат да учествуваат во верски настани.

Министрите на владата на Бенјамин Нетанјаху денеска предложија воведување на уште построг карантин со оглед дека бројот на новозаразени продолжува да расте, а здравствениот систем е под сериозен притисок.

„Стапката на смртност во Израел се зголемува, бројот на критични пациенти се зголемува и за жал бројот на смртни случаи“, изјави вчера премиерот Бенјамин Нетанјаху.

„Во последните два дена, експертите ни рекоа дека ако не донесеме тешки одлуки веднаш, ќе стигнеме до работ на бездната. За да ги спасиме животите на израелските граѓани, мора да воведеме целосен двонеделен карантин“, рече Нетанјаху.

Новите построги мерки ќе стапат на сила утре во 14 часот по локално време и ќе траат до 11 октомври. Израелските медиуми јавуваат дека сите компании, освен оние што се сметаат за суштински, ќе бидат затворени.

Уличните протести ќе бидат ограничени на 20 лица, што треба да стави крај на масовните протести што со недели се одржуваат против Нетанјаху.

Опозицијата го обвинува премиерот дека ги употребува мерките против ширењето на заразата за да ги загуши протестите, а Нетанјаху ги нарече протестите „фарса“.

Демонстрантите неодамна се собраа пред резиденцијата на премиерот во Ерусалим и побараа тој да си даде оставка се додека не заврши судењето за мито и измама. Нетанјаху тврди дека не сторил ништо лошо.

Легенда под Главна слика

Фото: ЕПА

Нашето законодавство дава поголема важност на едно парче хартија отколку на вистинската состојба на терен.

повеќе

Еве што знаат мнозинството Македонци и Бугари родени до 1980 година.

повеќе

И Софија ќе треба да не го запре македонското евро-интегрирање на самиот почеток – и Скопје ќе треба да ја декомунистицира и дејугословенизира својата елита, економија, политика, наратива и медиуми.

повеќе