Израел, кој го држи светскиот рекорд по бројот на вакцинирани граѓани, веќе вбризгал две дози од вакцината Фајзер-Бајонтек на 3 милиони луѓе, што е скоро третина од населението.
На 19 декември, Израел започна голема и брза кампања за вакцинација по договорот со Фајзер кој му овозможува на Израел испорака на милиони дози во замена за биомедицинските податоци за влијанието на вакцината.
„Израел прими бројни молби за помош од земји кои бараат вакцина“, се вели во соопштението на кабинетот на премиерот Бенјамин Нетанјаху, додавајќи дека Израел не е во можност да обезбеди „значајна“ помош пред крајот на својата кампања за вакцинација.
Но, „со ограничена количина на неискористена вакцина собрана во последниот месец“, Израел одлучи да му помогне на медицинскиот персонал на палестинската самоуправа и на неколку земји да им испрати симболична количина вакцина, се додава во соопштението.
Израел веќе испрати илјадници дози вакцина на окупираниот Западен брег за палестинскиот медицински персонал во последните неколку недели.
Според Обединетите нации и невладините организации, Израел „како окупаторска сила“ е должен да обезбеди вакцина за 2,8 милиони Палестинци на окупираниот Западен брег и за два милиони жители на Појасот Газа, кој е под израелска блокада.