Во воено соопштение за бомбардирање на соседна Сирија, кои иначе израелската војска ретко ги издава, е наведено дека се целени „набљудувачки пунктови“, комплекс на противавионска артилерија и команда и контролни системи“ во сириски бази.
Сирија ги потврди нападите, кажувајќи дека израелски хеликоптери испукале ракети врз сириски воени пунктови и дека имало „материјална штета“.
Ова се случува за време на засилени тензии на северната граница на Израел по неодамнешниот израелски воздушен напад во кој беше убиен борец на либански Хезболах во Сирија и очекување на одговор од проиранската шиитска милиција.
Претходно денес израелскиот воен портпарол Јонатан Конрикус кажа дека израелските војници забележале „нерегуларна“ активност на Голанската висорамнина и дека отвориле оган врз екстремистите од кои некои биле вооружени, откако ги набљудувале како поставуваа експлозив вдолж границата.
Официјална потврда дека четворицата напаѓачи се убиени нема, но војската објави снимка на која се гледа како четири лица се одалечуваат од жичената ограда на границата и потоа исчезнуваат во голема експлозија.
Израелската војска не кажа дали четворицата биле поврзани со Иран или Хезболах, двата сириски сојузници, туку само дека Израел ја смета сириската влада за одговорна за инцидентот.
Премиерот на Израел Бенјамин Нетанјаху обрачајќи им се на пратениците на својата конзервативна партија Ликуд кажа дека Израел „спречил обид за саботажа на сирискиот фронт“, најавувајќи дека земјата ќе продолжи да ги „повредува сите оние кои се обидуваат да нѐ повредат и сите кои ќе нѐ повредат“.
Израел ја освои Голанската висорамнина од Сирија во војната во 1967 година и подоцна ја анектираше територијата.
Само САД ја признаа таа израелска анексија.