петок, 26 април 2024
Избори 2024

Мицкоски: Мора да се прекине праксата ДУИ да биде со ВМРО-ДПМНЕ, па со СДСМ

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски вечерва од предизборен митинг во Неготино ѝ порача на ДУИ дека мора да прекине праксата „малку да биде со ВМРО-ДПМНЕ, па малку со СДСМ“. Со СДСМ и ДУИ мора да оди во опозиција, рече Мицкоски и ги предуреди граѓаните дека лица од ДУИ со пари ќе поткупуваат граѓани за гласање дури и во изборните единици три и четири.

Објавено на

часот

Сподели

„Многу е важно да се земе активно учество во овие избори, зашто овие избори се историски. Владата е делегитимирана и треба да одат во опозиција и СДСМ и ДУИ“, рече Мицкоски.

Тој посочи дека СДСМ се претвори , како што се изрази, во обичен измеќар на ДУИ.

„ДУИ и СДСМ мора да одат во опозиција. Мора да престане праксата ДУИ ќе биде малку со ВМРО-ДПМНЕ, па со СДСМ. ДУИ сака да го понижи македонскиот народ и да ја клекне на колена Македонија. Ми пречи криминалот на ДУИ. Тие повеќе од 20 години крадат од сите вас. Тие повеќе од 20 години ја урнисуваат Македонија. СДСМ мислеа дека противник им е ВМРО-ДПМНЕ, а не гледаа што прават од ДУИ“, кажа Мицкоски.

Затоа, додаде Мицкоски, сакам да предупредам за нешто за што имам информации дека се случува.

„Банди од ДУИ обиколуваат граѓани. Ќе се обидат да го купат гласот, ќе се обидат ДУИ да има пратеник во изборните единици 3 и 4. Секој бандит кој ќе нуди пари, практично ви нуди ваши пари, украдени од вас. Предупредувам да не биде дека не сум кажал. Мои браќа и сестри се сите граѓани, но нема простор за криминалците. Тие знаат што ги чека. Јас нема да правам пакт со криминалот, туку ќе го истребам. Мора да има одговорност за криминалот“, вели Мицкоски.

Мицкоски посочи дека ќе тропне на секоја порта.

„Македонија е држава на лојални граѓани без разлика на етничка припадност. Ќе побараме поддршка, ќе замолиме, ќе предупредиме дека ова се клучни избори. Секој човек ќе го убедам дека секој мора да излезе да ставиме крај на ова уништување на државата“, кажа Мицкоски.

Тој ги повика сите граѓани, и поддржувачите на СДСМ и тие што не излегле на гласање во првиот круг, да излезат на 8 мај и, како што порача, да гласаат против сегашната власт.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ