Зад нив, на третото и четвртото место се најдоа десничарската коалиција на Марин Ле Пен „Национално обединување“ со 18,9 отсто од гласовите и конзервативната „Републиканци“ со 13,7 отсто.
Според овие резултати Макрон би требало да го задржи мнозинството во парламентот, прашање е само дали тоа ќе биде апсолутно или релативно. Одговорот ќе се знае по вториот круг од парламентарните избори кој е закажан за 19 јуни.
Неколку недели откако Емануел Макрон го освои својот втор претседателски мандат, француските гласачи во неделата излегоа на првиот круг од парламентарните избори, на кои се одлучува кој ќе ги пополни 577 места во Националното собрание.
Според првите проекции на резултатите, владејачката коалиција „Заедно“ на Макрон освоила 25,2 отсто од гласовите, а исто толку добила и левичарско-зелената коалиција на Жан-Лук Меланшон „Нупе“ (Нова еколошка и социјална народна унија).
Коалицијата на лидерката на радикалната десница Марин Ле Пен заврши на третото место со 18,9 отсто од гласовите, додека „Републиканците“ завршија на четвртото место со 13,7 отсто од гласовите.
Доколку овие проекции бидат потврдени и по вториот круг од парламентарните избори, закажан за 19 јуни, коалицијата на Макрон би можела да освои меѓу 255 и 295 места според агенцијата Ипсос или од 275 до 310 места според анкетата на Ифоп. Коалицијата на Меланшон, од друга страна, би добила 150-190 места во Националното собрание, според Ипсос.
По нив, „Републиканците“ би добиле 50-80 места, а Ле Пен 20-45, пренесува Франс24.
За апсолутно мнозинство во Националното собрание на Франција, кое има вкупно 577 места, потребни се 289 мандати. Инаку, воздржаноста на француските гласачи се проценува на 52,8 отсто, што е рекордно ниска излезност.