Уредбата предвидува и до 400.000 евра грантови за илјадници компании погодени од војната во Украина и санкциите против Русија. Околу три милијарди евра помош ќе бидат насочени кон градежниот сектор кој се бори со трошоците за суровините и високите цени на енергијата.
Владата го продолжи и замрзнувањето на горивата до 8 јули, кое требаше да истече вчера. „Во сегашната клима на голема неизвесност, владата се обидува да даде одредена насока и да покаже солидарност со сите Италијанци“, рече премиерот Марио Драги на прес-конференција во понеделникот вечерта.
„Денешните мерки се насочени кон проблемот на трошоците за живот кој ги мачи повеќето наши граѓани“, рече тој и додаде дека е подготвен да донесе дополнителни мерки доколку има потреба. Владата од јануари издвои 15,5 милијарди евра за да им помогне на компаниите и граѓаните со високите сметки за струја, гас и гориво.
Владата ќе собере околу шест милијарди евра со оданочување на „вонредната“ добивка на производителите и продавачите на струја, која нагло порасна благодарение на скокот на цените на гасот и дериватите. Даночната стапка што ја плаќаат производителите и продавачите на струја, гас и нафтени деривати ќе се зголеми од 10 на 25 отсто, изјави министерот за економија Даниеле Франко. Владата годинава од новиот данок очекува приход од 10 милијарди евра.
Дополнителни шест милијарди ќе се соберат од буџетот, бидејќи даночните приходи биле повисоки од очекуваните, додека трошоците биле помали. За да ја намали зависноста од рускиот гас до средината на 2024 година, владата исто така го продолжи рокот на употреба на четири термоелектрани на јаглен за максимум две години и обезбеди поддршка за забрзано градење на капацитети за производство на струја од обновливи извори.