Според последните податоци на италијанското Министерство за здравство, во изминатите 24 часа биле регистрирани 29.003 нови случаи на ковид-19, што е за 12 проценти повеќе од претходниот ден. Така, вкупниот број на случаи од почетокот на пандемијата достигна 1.509.875.
Бројот на смртни случаи од заразата со коронавирусот се искачи на 52.850, што е втор по големина во Европа, по Велика Британија, и шести во светот.
Откако се бореше да го скроти вториот бран на пандемијата, италијанската влада сега размислува за нови мерки за божиќниот период, во обид да им овозможи на луѓето да го прослават празникот со роднини без ризик од ново ширење на коронавирусот.
Италијанскиот премиер Џузепе Конте веќе објави дека скијачките патеки ќе останат затворени за време на Божиќ и ги повика соседните земји да го сторат истото со цел да дејствуваат на координиран начин и да избегнат ново ширење на коронавирусот.
Владата се очекува да одобри нова регулатива во почетокот на декември, со што ќе се олеснат ограничувачките мерки поврзани со трговијата и другите деловни активности.