Четири години по зачленувањето во Алијансата, оцени Митрески, тешки биле донесените одлуки на патот за членството, но вределе.
„Со оваа декларација Собранието на Република Северна Македонија во пресрет на јубилејната 75. годишнина од основањето на Алијансата ги изразува своите заложби за континуирано остварување на обврските од членството во НАТО и го потврдува опфатот на сите преземени мерки во насока на исполнување на обврските, политиките и заложбите на НАТО содржани во декларациите од самитите на Алијансата. Верувам дека за овој документ ќе обезбедиме силен концензус сличен на оној од 2020 година“, рече Митрески.
Со поддршката на декларацијата кажа дека на партнерите во НАТО ќе им биде испратена пораката, како што нагласи, дека во нас имаат посветен и сигурен партнер и сојузник.
„Дополнително, со усвојување на оваа декларација на самиот крај од мандатот ќе оставиме порака на идните пратеници и за идните генерации воопшто, дека од правецот по кој тргнавме нема отстапување и дека како пратеници ги препознаваме стратешките вредности. Од нив не отстапуваме и заеднички работиме на нивно целосно реализирање“, истакна Митрески.
Претходно, пратеникот на Левица, Димитар Апасиев, кој како што рече, како единствена анти – НАТО партија побара тргање на декларацијата од дневен ред, изнесувајќи аргументи дека Алијансата е агресор и кршач на меѓународното право. Според него, членството во НАТО не носи економски просперитет и оти, како што рече, буџетот се користи за милитаризација, наместо за социјални пакети за граѓаните.
Пратениците ја прифатија потребата од донесување по скратена постапка на предлог законите за култура, за здравствена заштита, за заштита и благосостојба на животните, законот за медиуми и за Македонската академија на науките и уметноститеи ги ставија на дневен ред на 149. седница.