Индонезија воведе затворска казна за полов однос вон брак. Важи и за странците

Парламентот на Индонезија усвои нов закон според кој полов однос надвор од бракот ќе биде казнив со затворска казна. Новиот закон нема да стапи на сила уште три години, а вклучува и забрана за навреда на претседателот и искажување ставови спротивни на идеологијата на државата.

Фото: ЕПА

Забраната за вонбрачен полов однос ќе важи и за Индонезијците и за странците, а вклучува неколку „морални закони“ и им забранува на невенчаните парови да живеат заедно и да имаат секс.

Сексуалните односи надвор од бракот може да ги пријават родителите на едно лице или неговиот партнер. Законот предвидува сексуалните односи надвор од брак да се казнуваат со затворска казна до една година, а паровите кои живеат заедно надвор од брак може да добијат затворска казна до шест месеци.

Новиот закон, исто така, ги заострува забраните поврзани со богохулење и навлегува во области од јавниот живот. Групите за човекови права критикуваат како тоа го задушува политичкото изразување и здружување.

Новите прописи за клевета им забрануваат на луѓето да го навредуваат претседателот или да изразуваат мислења против националната идеологија. Предлог-законот предвидува и казна до три години затвор за секој што „го навредува достоинството“ на претседателот или потпретседателот.

Оние кои ја навредуваат владата може да се соочат со затворска казна до 18 месеци или три години доколку делото предизвика социјални немири. „Ширење лажни вести“ се казнува со затвор до шест години.

„Ова го чекавме 59 години“, рече Едвард Омар Шариф, заменик министер за правда и човекови права, додавајќи дека стариот кривичен законик останал од холандската колонијална власт.

Во понеделникот, стотици Индонезијци се собраа во неколку градови, барајќи од парламентот да го отфрли нацрт-законот.

Се очекуваат протести поради усвојувањето на законот кој ќе стапи на сила во 2025 година.

„Индонезија предлага да се тргне по патот на катастрофално кршење на правата со криминализирање на сексот надвор од бракот“, напиша на Твитер Фил Робертсон, заменик-директор за Хјуман Рајтс Воч Азија.

„Горди сме што имаме казнен законик во согласност со индонезиските вредности“, изјави Едвард Омар Шариф Хиариеј за Ројтерс во интервјуто пред неколку дена за законот кој се подготвува со децении.

Претходниот нацрт на законот требаше да биде усвоен во 2019 година, но предизвика протести низ целата земја. Десетици илјади луѓе протестираа во тоа време против низа закони, особено оние за кои се сметало дека го регулираат моралот и слободата на говорот, за кои рекоа дека ќе ги скратат граѓанските слободи.

Критичарите велат дека оттогаш се направени минимални измени во законот, иако владата одржа јавни консултации низ целата земја во последните месеци за да даде информации за измените. Некои промени кои се имплементирани вклучуваат одредба која би можела да дозволи смртната казна да се замени во доживотен затвор по 10 години добро однесување.

Во законот останува криминализирање на абортусот, со исклучок на жртвите на силување, и затворска казна за „црна магија“.

Сексот надвор од бракот, вклучително и хомосексуалноста, во моментов не е кривично дело, но се смета за табу тема во конзервативна Индонезија.

Тоа е забрането само во шеријатската покраина Ачех, а прекршителите може да добијат до 100 удари со стап.

Индонезија, држава со најголемо муслиманско мнозинство во светот, има стотици прописи на локално ниво кои ги дискриминираат жените, верските малцинства и ЛГБТ луѓето.

Само неколку недели откако Индонезија претседаваше со успешен состанок на Групата дваесет (Г20) на кој нејзината позиција е подигната на глобалната сцена, претставниците на деловниот сектор велат дека нацрт-законот испраќа погрешна порака за најголемата економија во Југоисточна Азија.

„За деловниот сектор, имплементацијата на ова обичајно право ќе создаде правна несигурност и ќе ги натера инвеститорите повторно да размислат за инвестирањето во Индонезија“, рече Шинта Виџаја Сукамдани, потпретседател на Здружението на индонезиски работодавачи (АПИНДО). Моралните клаузули, додаде тој, „би направиле повеќе штета отколку корист“, особено за компаниите вклучени во секторите туризам и угостителство.

Легенда под Главна слика

Фото: ЕПА

Калоѓера не може да премолчи, не може да замиже пред историската вистина на Македонија, па затоа во својот живот се определил да македонствува.

повеќе

Слушањето како способност да го фокусираме вниманието на аудитивните дразби е важен аспект на нашиот живот и значително влијае на неговиот квалитет во сите сегменти.

повеќе

„Ќе дојде ден, кога пазарите отворени за трговија и размена на идеи, ќе бидат единствените борбени полиња“ - Виктор Иго

повеќе