Путин отпатува во Индија во придружба на руските министри за одбрана и за надворешни работи, во време на екстремно затегнати односи меѓу Русија и САД, исто така клучен индиски партнер, кој изрази резервираност за растечката воена соработка меѓу Москва и Њу Делхи.
Во заедничката изјава објавена по разговорите меѓу Путин и индискиот премиер Нарендра Моди се вели дека Русија и Индија „ја повториле намерата да ја зајакнат одбранбената соработка, вклучително и заедничкиот развој на производство на воена опрема“.
Со договорот дека Индија ќе произведува јуришни пушки АК-203, Русија соопшти дека е заинтересирана и понатаму на Индија да ѝ испорачува системи за противвоздушна одбрана С-400.
Индискиот министер за надворешни работи Харш Вардан Шрингла рече дека двете земји потпишале 28 инвестициски договори, вклучувајќи договори за челик, бродоградба, јаглен и енергија. Тој додаде дека во моментов се спроведува договорот од 2018 година за ракетните системи С-400.
„Испораките започнаа овој месец и ќе продолжат“, рече тој, мислејќи на С-400.
Со договорот со Москва за набавка на воена опрема, Индија ризикува американски санкции.
Руската нафтена компанија Роснефт соопшти дека потпишала договор со компанијaта Индијан Оил за снабдување на Индија со околу 2 милиони тони нафта до крајот на 2022 година.
Двете земји потпишаа и меморандум за разбирање според кој Русија треба континуирано да ја снабдува Индија со јаглен за да го поддржи нејзиното производство на челик.
Путин и Моди разговараа и за ситуацијата во Авганистан, изразувајќи ја својата посветеност да се осигура земјата никогаш повеќе да не стане безбедно засолниште за меѓународeн тероризам.