Илон Маск: Мојата компанија ќе ги вгради првите чипови во човечки мозок за шест месеци (ВИДЕО)

Претприемачот Илон Маск вчера изјави дека очекува клиничките испитувања на безжичниот мозочен чип за луѓе, развиен од неговата компанија Неуралинк, да започнат во рок од шест месеци, откако компанијата ги пропушти претходните рокови што тој ги постави.

Фото: ЕПА

Компанијата развива интерфејси за мозочни чипови за кои вели дека би можеле да им овозможат на пациенти со хендикеп повторно да се движат и да комуницираат, а Маск вчера додаде дека ќе има за цел и враќање на видот.

Неуралинк, со седиште во заливот Сан Франциско и Остин, Тексас, спроведува тестови на животни во последниве години додека истовремено бара одобрение од американската Администрација за храна и лекови (ФДА) да започне клинички испитувања на луѓе.

„Сакаме да бидеме исклучително внимателни и сигурни дека добро ќе работи пред да го ставиме уредот во човек“, рече Маск во долгоочекуваната изјава за уредот.

Говорејќи пред толпата одбрани гости на речиси тричасовната презентација во седиштето на Неуралинк, Маск ја нагласи брзината со која компанијата го развива својот уред.

„На почетокот, напредокот, особено што се однесува до луѓето, може да изгледа ужасно бавен, но правиме сѐ за паралелно целосно да го развиеме“, додаде тој. „Значи, теоретски напредокот треба да биде експоненцијален“.

ФДА не одговори веднаш на барањето на Ројтерс за коментар.

Првите две примени на уредот на Неуралинк кај човек ќе бидат насочени на враќање на видот и овозможување на движење на мускулите кај луѓе кои не можат да го направат тоа, рече Маск.

„Дури и ако некој никогаш немал вид, ако е роден слеп, веруваме дека сепак можеме да го вратиме видот“, рече тој.

Настанот првично бил планиран за 31 октомври, но Маск го одложил само неколку дена претходно без да наведе причина. Последната јавна презентација на Неуралинк, пред повеќе од една година, вклучувала мајмун со мозочен чип кој играл компјутерска игра и размислувал сам.

Маск, кој го води и производителот на електрични возила Тесла, ракетната компанија Спејскес и платформата за социјалните медиуми Твитер, е познат по целите како колонизација на Марс и спасување на човештвото.

Неговите амбиции за Неуралинк, кој го лансираше во 2016 година, се подеднакво големи. Тој сака да развие чип што ќе му овозможи на мозокот да управува со сложени електронски уреди и на крајот да им овозможи на луѓе со парализа да ги вратат моторните функции и лекување болести како што се Паркинсонова, деменција и Алцхајмерова болест.

Тој зборува и за зајакнување на мозокот со вештачка интелигенција.

Неуралинк, сепак, доцни со работата. Маск во презентација во 2019 година рече дека има за цел да добие регулаторно одобрение до крајот на 2020 година. Потоа, на конференцијата кон крајот на 2021 година, тој рече дека се надева дека оваа година ќе започне со испитувања на луѓе.

Неуралинк постојано ги пропушта интерните рокови за да добие одобрение од ФДА за да започне испитувања на луѓе, велат сегашни и поранешни вработени.

Маск претходно оваа година му се обрати на конкурентот Синхрон во врска со потенцијална инвестиција, откако изрази фрустрација со експертите на Неуралинк поради нивниот бавен напредок, објави Ројтерс во август.

Во јули, Синхрон помина голема пресвртница со првиот имплант на својот уред кај пациент во САД. Доби регулаторно одобрение од САД за испитувања на луѓе во 2021 година и заврши студии кај четири лица во Австралија.

Легенда под Главна слика

Фото: ЕПА

Им благодарам на Русите како креатори, но посебно на бугарските послушни  извршители за пропагандата што ја водат против Македонија. Што направија?

повеќе

Деновиве адвокатот Тортевски во дебатна емисија рече дека немаме критична маса за држава. Не знам дали е така, но изгледа немаме критична маса за сериозни дебати и дијалози во општеството. 

повеќе

Светска банка проценува дека за секој долар инвестиран во здравството, државата има бенефит од 4 долари во смисла на зголемена економска продуктивност.

повеќе