среда, 24 април 2024

Европарламентот ќе отвори канцеларија за односи со Западен Балкан

Во обид да го подобри својот мониторинг над процесот на проширување на ЕУ, Европскиот парламент (ЕП) планира да отвори нова канцеларија за односи со земјите од Западниот Балкан.

Објавено на

часот

Сподели

Ваквиот предлог се содржи во документ подготвен од страна на ЕП во пресрет на одбележувањето на 20-годишнината од досега најголемиот бран на проширување на ЕУ во 2004 година, кога во Унијата во пакет беа примени 10 нови членки.

Во документот, како што објави Еурактив, се наведува дека оваа канцеларија ќе му овозможи на Европскиот парламент поголем надзор над пристапните процеси во соработка со постојните делегации на ЕУ, кои работат во рамките на Европската служба за надворешни работи.

Дополнително, се предвидува канцеларијата да му овозможи на Европарламентот подобра поддршка на земјите кандидати или потенцијални кандидати за членство ЕУ во нивните напори за интеграција во блокот.

Се очекува преку канцеларијата да се зајакнат и односите на ЕП со парламентите на земјите од Западниот Балкан и повеќе да дојдат до израз активностите на европратениците поврзани со процесот на проширување.

Планот за отворање на канцеларијата следи откако лани во ноември Европарламентот отвори свое претставништво во Киев на барање на украинската Влада. Покрај во Киев, ЕП има свои канцеларии и во неколку други градови во држави кои не се членки на ЕУ, меѓу кои и во Њујорк, Адис Абеба и Џакарта, каде што тие функционираат како дел од делегациите на Унијата.

За разлика од ова, ЕП има свои канцеларии за врски во секоја земја членка на ЕУ, чија задача е да контактира и соработува со засегнати страни во тие држави, да организира настани и да комуницира со локалните медиуми.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ