Организацијата за заштита на животната средина во објавената студија повикува на „радикална промена на начинот на патување“.
Потребно е да се намали воздушниот сообраќај за да се ограничи глобалното затоплување на 1,5 степен Целзиусов, соопшти невладината организација, повикувајќи на „подобрување и зајакнување на железничкиот транспорт“.
Летовите пократки од 1.500 километри сочинуваат четвртина од емисиите на европскиот воздушен сектор, наведува Гринпис во студијата изработена од тинк-тенк ОБЦ Трансјуроп.
Од 150 летови на кратки релации кои најчесто се користат во Европската унија (со исклучок на летовите до островите), 51 имаат железничка алтернатива, или 34 отсто, а патувањето со воз трае помалку од шест часа.
Трите линии кои најмногу се користат во Европската Унија се Париз-Тулуз, Париз-Ница и Атина-Солун.
Во студијата не е наведен процентот на патници кои летаат на овие линии.
Во извештајот се наведува дека 21 авиокомпанија веќе имаат железничка алтернатива пократка од четири часа, а меѓу нив се меѓународните линии Амстердам-Париз, Амстердам-Франкфурт, Брисел-Франкфурт и Париз-Франкфурт.
Повеќе од четвртина (27 проценти) од тие 150 најчести летови имаат алтернатива со директен ноќен воз во 2021 година, се наведува.
„Се емитира 10 пати повеќе јаглерод диоксид кога се лета со авион од Париз до Амстердам, наместо да се патува со воз, а тоа патување може да се помине за помалку од 3 часа и 30 минути“, истакна Сара Фајол, одговорна за транспортниот сектор во францускиот огранок на Гринпис.
„Намалувањето на воздушниот сообраќај е неизбежен пат за постигнување на целите од Парискиот климатски договор и укинувањето на пократките летови е првиот чекор во таа насока“, се вели во соопштението.
Одлуката на Франција да ги забрани домашните летови доколку постои алтернатива за воз пократка од 2 часа и 30 минути е „премногу ограничена“, вели Гринпис.
Во светот, воздушниот транспорт емитирал 900 милиони тони јаглерод диоксид во 2019 година, што е околу 2,5 отсто од глобалните емисии.
Гринпис признава дека „ограничувањето на кратките летови (пократките од 1.500 километри), национални и европски, не е доволно за да се постигнат целите на Парискиот климатски договор, но го сметаат за прв чекор кој не е занемарлив“.