Граѓаните на Франција бираат еден од 12-те претседателски кандидати, меѓу кои четири жени и осум мажи.
Главниот ривал на сегашниот претседател Емануел Макрон е лидерката на десницата Марин ле Пен, но судејќи по истражувањата на јавното мислење, се очекува Макрон тесно да победи.
Бидејќи не се очекува апсолутно мнозинство гласови за ниеден кандидат во првиот круг, двајцата кандидати со најголем број гласови влегуваат во завршницата на претседателската трка во вториот круг, на 24 април.
Последните анкети му даваат предност на центристот Макрон со 26 отсто од гласовите зад себе, потоа следи Ле Пен со 23 отсто, па Жен Лук Меленшон со 17,5 отсто и Ерик Земур со 9,5 отсто од гласовите.
Во вториот круг, според аналитичарите, Макрон би можел да победи со 53 отсто од гласовите, а Ле Пен би добила 47 отсто.
По првиот мандат обележан со општествени превирања и настојувања да се либерализираат француските закони за труд, да се намалат даноците за најбогатите и претприемачите, како и да се преобликуваат трансатлантските односи, Макрон влезе во претседателската трка со повеќе неизвесност отколку во 2017, во околности на војна во Украина и последична економска криза.
Макрон со месеци води во анкетите, но во последните денови, како што покажуваат резултатите на анкетите, сè повеќе се намалува неговата предност во однос на Ле Пен.
Кандидатката на десничарскиот Национален фронт (НФ), 53-годишната Ле Пен, по кратката адвокатска кариера, влегува во 1998 година во партијата, која тогаш ја предводеше нејзиниот татко Жан Мари ле Пен.
Како што оценуваат француските медиуми, Ле Пен ја должи поддршката на добар дел од гласачите на успешното оддалечување од крајно десничарската реторика на својот татко, но и задржувањето на клучната партиска политика против емиграцијата.
Притоа, таа на гласачите им испраќа едноставна порака: „Вашите пари ќе завршат во вашите џебови“.
Третопласиран кандидат е радикалниот левичар Жан Лук Меланшон за кого, според анкетите, се определуваат околу 15,5 отсто од анкетираните, а четврт е ултрадесничарот, поранешниот новинар Ерик Земур со 9,5 отсто поддршка меѓу анкетираните.
Земур, кој себеси се опишува како спасител на нацијата од исламската закана, во јануари беше осуден на парична казна од 10.000 евра за поттикнување омраза со своите изјави за малолетните емигранти без придружба, кои ги опиша како „крадци, убијци и слувачи“.
Валери Пекрес, која себеси се споредува со Маргарет Тачер и Ангела Меркел, ја има поддршката од републиканците, Унијата на демократи и партии од центарот. Меѓутоа, според анкетите, неа не ја поддржуваат повеќе од 10 отсто од гласачите во првиот круг.
Кога станува збор за останатите кандидати, грубо можат да се поделат на десничарски и левичарски, при што десницата, покрај Ле Пен и Земур, ја претставува и Никола Дипон Енјан, евроскептик од партијата Стани, Франција.
На страната на левицата се Ан Идалго, градоначалничката на Париз од 2014 и кандидатката на Социјалистичката партија Натали Арто, поранешна учителка, лидерот на француските комунисти Фабиен Русел и Јаник Жадо, претставникот на Зелените кој најавува „еколошка револуција“ во Франција.