„Ние имаме принцип на највисоко почитување на исламот“, им кажа Ле Дријан на новинарите. „Исто така сакам да кажам дека муслиманите се целосно дел од општеството во Франција“.
„Втората порака е дека сме соочени со закана од тероризмот, фанатизмот, на наше тло, но и насекаде, и оваа борба е заедничка борба“, истакна тој.
Кажа дека „дошол да ја објасни таа борба ако треба, како и борбата за почитување на верувањата“.
Ле Дријан се сретна со египетскиот претседател Абдел Фатах ал Сиси и потоа со министерот за надворешни работи на Египет Самех Шукри.
Неговата посета следува брзо по контроверзиите со објавувањето на карикатурите на Мухамед.
Францускиот претседател Емануел Макрон ја бранеше слободата на објавување на карикатурите и вети дека нема да се откаже од тоа при националното давање почит на професорот Самуел Пати, кого на 16 октомври го обезглави исламист од Чеченија, бидејќи на настава го покажувал карикатурите.
Во некои мнозинско муслимански земји верниците гневно реагираа на изјавите на Макрон, палеа негови фотографии на протестите и беше почната кампања за бојкот на француските производи.
Шефот на француската дипломатија се сретна и со големиот имам на џамијата Ал Азхар, Ахмед ал Таеб, кој остро ја критикуваше Франција по изјавите на Макрон и го спореди ставот на официјален Париз со „повик на омраза“.
На почетокот на октомври имамот на Ал Азхар како „расистички“ го оцени говорот на Макрон против „исламистичкиот сепаратизам“. Во неделата Таеб повторно го критикуваше францускиот став за одбрана на слободата на изразувањето.
„Навредувањето на пророкот е целосно неприфатливо и на меѓународните судови ќе го пријавиме секое непочитување на нашиот пророк“, соопшти верската институција при посетата на францускиот министер.
Ле Дријан по разговорот призна дека има „бројни точки на несогласување“. Имамот предложил „заедничка работа на усогласување, бидејќи заедно мора да се бориме против фанатизмот“, додаде тој.