„Мнозинството ќе претстави сосема нова верзија на членот 24 од законот бидејќи знаеме дека сè уште има дилеми“, кажа во парламентот Кристоф Кастањер, претседателот на пратеничката група на Макроновата партија Република во движење.
Новиот законски предлог би требало да ги „избрка сомнежите“ и да избегне „секакво недоразбирање“, кажа тој.
Противниците на предложениот закон тврдат дека со тој член се попречува правото на информирање и бараат негово целосно бришење, додава Франс прес.
Десетици илјади луѓе протестираа за време на викендот низ Франција поради тој законски предлог по двата случаи на полициска бруталност кои го привлекоа вниманието на јавноста.
Пред една недела беа снимени полицајци како тепаат емигранти при отстранувањето на нелегалниот емигрантски камп, а во четвртокот на социјалните мрежи се појави снимка од полицајци како претепуваат црн музички продуцент.
Видеото се појави токму во процесот на поднесувањето на законскиот предлог кој требаше да им оневозможи на луѓето да ги снимаат полицајците.
Владата го бранеше предложениот закон тврдејќи дека неговата цел е подобро да ја штити полицијата и да оневозможи видео-снимање кое би можело да ги попречи полициските операции.
Меѓутоа, многумина законот го толкуваа како опасност за слободата на новинарството.