Финската премиерка: Бевме наивни кон Русија, требаше да ја слушаме Полска

Финската премиерка Сана Марин денеска пред Европскиот парламент порача дека Европската Унија е премногу наивна во односот кон Русија и дека за тоа прашање требало повеќе да ги слушаат Полска и балтичките земји.

Фото: ЕПА

„Мора да признаеме дека усвоивме премногу наивен пристап кон Русија и ги базиравме нашите очекувања за нејзиното функционирање на погрешни основи“, рече Марин во своето обраќање пред претставниците во Европскиот парламент.

„Требаше да ги слушаме нашите полски и балтички пријатели, кои живееја под советско владеење“, додаде социјалдемократската премиерка на Финска.

Полска, Литванија, Летонија и Естонија беа најстрогите критичари на европското потпирање на руските фосилни горива и покренувањето на гасоводот Северен тек 2, за разлика од Германија, која значително ја зголеми зависноста од рускиот гас во последните десет години. Марин посочи и дека руската политика на користење на енергијата како оружје за уцена на Европската Унија е „кратковидна“.

„Поради актуелната енергетска криза, ќе се ослободиме од зависноста од руските фосилни горива побрзо отколку што мислевме. Русија ја уништува својата економија и иднина. Ние веќе немаме доверба во Русија. Дури и ако војната заврши денес, нашата доверба долго време нема да се врати“, рече таа.

Краткорочно, смета Марин, ЕУ мора да преземе исклучителни мерки за намалување на цената на енергијата, додека на среден и долг рок единствен излез од енергетската криза е големата инвестиција во обновливи извори на енергија, заедничка транспортна мрежа и технологии за складирање.

„Мора што побрзо да се ослободиме од руските фосилни горива“, додаде таа. Марин смета дека стратегиската автономија на Европската Унија е императив и дека во тој контекст треба да се воведе гласање со квалификувано мнозинство за некои прашања, иако добар дел може да се постигне во постојните рамки.

Поборници за гласање со квалификувано мнозинство за надворешна политика и безбедносни прашања се главно западните членки на Европската Унија, додека источните го сметаат правото на вето како средство за заштита на нивните интереси поради демографската и економската супериорност на Западна Европа.

Марин им се обрати на пратениците во рамките на програмата „Ова е Европа“, серија редовни обраќања на лидерите на земјите-членки на Унијата на пленарните седници на парламентот. Оваа година, меѓу другите, естонската премиерка Каја Калас, италијанскиот премиер Марио Драги, ирскиот премиер Мајкл Мартин и хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ разговараа со европратениците за актуелните политички прашања за ЕУ.

Говорот на Сана Марин беше пофален од центристичките клубови на пратеници (народните, социјалдемократите и либералниот клуб Обнови ја Европа), додека, од различни причини, беше критикуван од зелените, левицата и десницата.

Филип Ламбертс од Зелените ја критикуваше финската премиерка за штедливиот однос на Финска кон трошењето европски пари, посочувајќи дека членството во ЕУ значи и фискална солидарност.

„Порано или подоцна, дури и на штедливите им е потребна солидарност од другите. Финска сега бара безбедносни гаранции од другите членки на НАТО. Членството во клубот не е еднонасочна улица“, рече тој.

Лаура Хухтасаари, финска пратеничка од десничарската група Идентитет и демократија, ја обвини Марин дека е делумно одговорна за растот на криминалот во Финска со спроведување на неодговорна миграциска политика.

Легенда под Главна слика

Фото: ЕПА

Најавите на американската администрација за бескомпромисна  борба против овие корумпирани,  неспособни  и криминални структури на сите нивоа на државата за македонските граѓани се единствено светло во тунелот.

повеќе

Концептот на даночната реформа, кој го претставивме минатата недела на заедничка прес конференција со премиерот е дел од поголем процес за креирање на оптимален даночен систем кој ќе биде праведен и ќе го поддржи економскиот раст.

повеќе

Ракот на корупцијата и понатаму е ендемичен, а актуелната власт сè повеќе потпаѓа под лошите навики на претходниот режим на Никола Груевски.

повеќе