Фејсбук поттикнува омраза и поделби заради профит, вели бивша вработена во компанијата

„Компанијата намерно криеше клучни информации од јавноста, американската влада и од владите низ целиот свет. Документите што ги испратив до Конгресот докажуваат дека Фејсбук повеќе пати ја измамил јавноста за резултатите од внатрешната истрага за безбедноста на децата, ефикасноста на своите системи за вештачка интелигенција и улогата во ширењето екстремни пораки што предизвикуваат поделби“, нагласи „свиркачката“ Хауген во Сенатот.

Фото: ЕПА

Поранешна вработена во Фејсбук, Франсис Хауген во Конгресот рече дека производите на таа компанија им штетат на децата и поттикнуваат поделби во САД, како и дека директорите на таа социјална мрежа ги отфрлаат промените бидејќи профитот им е поважен од безбедноста.

Пред сенатскиот Поткомитет за заштита на потрошувачите, Хауген ја обвини компанијата дека е свесна дека Инстаграм, кој е во сопственост на Фејсбук, им нанесува штета на одредени тинејџери и дека не е искрена во јавната борба против омразата и дезинформациите, пренесе Гласот на Америка.

Хауген тврдењата против Фејсбук ги поткрепи со десетици илјади внатрешни документи што тајно ги копирала пред да ја напушти својата работа во одделот за граѓански интегритет.

Таа, исто така, поднесе жалба до федералните власти, тврдејќи дека внатрешните истражувања покажале дека компанијата ја интензивира омразата, дезинформациите и политичките немири, но дека ги крие тие сознанија.

Хауген порача дека одлучила да излезе во јавноста со своите тврдења бидејќи смета дека „производите на Фејсбук им штетат на децата, поттикнуваат поделби и ја ослабуваат демократијата“.

„Лидерите на компанијата знаат како да ги направат Фејсбук и Инстаграм побезбедни, но ги одбиваат неопходните промени бидејќи нивниот астрономски профит им е поважен од луѓето. Конгресот треба да реагира. Тие нема да ја решат оваа криза без ваша помош“, предупреди Хауген.

Волстрит џурнал неодамна објави дека внатрешните документи на Фејсбук покажуваат дека компанијата знаела за негативните ефекти од своите производи, но не презела посериозни чекори за борба против потенцијално штетните последици.

Во рамките на програмата „60 минути“, телевизиската мрежа ЦБС емитуваше интервју со Хауген, која како свиркач ги претстави своите забелешки за работата на гигантот на социјалните мрежи.

Поткомитетот на Сенатот истражува како Фејсбук користел информации од своите истражувачи за Инстаграм што може да укаже на потенцијално штетно влијание врз младите корисници, особено девојчињата, а во исто време се обидува да го минимизира значењето на негативните последици.

„Компанијата намерно криеше клучни информации од јавноста, американската влада и владите низ целиот свет. Документите што ги испратив до Конгресот докажуваат дека Фејсбук повеќе пати ја измамил јавноста за резултатите од внатрешната истрага за безбедноста на децата, ефикасноста на нејзините системи за вештачка интелигенција и нејзината улога во ширењето екстремни пораки што предизвикуваат поделби“, нагласи Хауген во Сенатот.

Според Гласот на Америка, портпаролот на Фејсбук, Кевин Мекалистер, пред претресот соопшти дека заштитата на потрошувачите е поважна за таа компанија отколку профитот и дека не е точно дека протечените внатрешни документи покажуваат дека Инстаграм е „токсичен“ за девојчињата.

Во меѓувреме, повторно функционираат Фејсбук, Инстаграм, Месинџер, Вотсап и други фејсбук-платформи, кои во понеделникот не работеа повеќе од шест часа.

Фејсбук објави дека падот, кој погоди 3,5 милијарди корисници, уследил по „грешка во промената на конфигурацијата“.

Легенда под Главна слика

Фото: ЕПА

Земјите треба да бараат начини за градење мостови и унапредување на билатералните економски врски, а не да гледаат во минатото и да му наметнуваат на македонскиот народ поинаков идентитет или историски наратив.

повеќе

Tочната искористеност и капацитет на водните ресурси во државата e невозможно прецизно да се пресмета заради недостиг на континуирани хидролошки мерења и мониторинг на квалитетот на водите.

повеќе

Нам бизнисмените не ни требаат ниту уставни преамбули ниту некакви параграфи за да ги почитуваме Република Бугарија и нејзините граѓани. Ние некого почитуваме доколку прави профит, плаќа даноци и доколку е општествено одговорен.

повеќе