ЕУ ја регулира вештачката интелигенција: до каде може да оди Големиот брат?

Роботите ја преземаат контролата, водат војна против човештвото, а некој очаен научник беспомошно гледа какво чудовиште создал... Ова е тема на многу дистописки филмови. Иако таквата реалност сè уште е далеку, Европската Унија поради слични стравови за прв пат одлучи да ја регулира вештачката интелигенција.

Фото: ЕПА

Вчера беше објавено дека членките на ЕУ се договориле за опсежни правила за употреба на вештачка интелигенција (ВИ). Одлуката го поттикнува развојот на ВИ, но треба да осигури дека употребата на технологијата е во согласност со основните човекови и други права.

„Така, ЕУ е на добар пат да биде прва во светот што ќе создаде обврзувачка рамка за веродостојна употреба на ВИ“, рече германскиот министер за правда Марко Бушман од редовите на либералите.

Сепак, тој смета дека допрва треба да се направат подобрувања, пред сѐ во гарантирањето на анонимноста на јавниот простор и транспарентноста во користењето на ВИ.

Пофалби стигнаа и од министерот за економија Роберт Хабек (Зелените), кој смета дека ВИ е „одлучувачка за конкурентноста на ЕУ“.

Пред правилата - во моментов напишани на 125 страници - да станат обврзувачки, членките на ЕУ треба да добијат согласност од Европскиот парламент.

Забрането „бодување“ луѓе

Европската комисија го предложи законот минатата година, со идеја да се постават глобални стандарди и да се воспостави доверба меѓу корисниците и ВИ. Колку се поголеми потенцијалните опасности од користењето на ВИ, толку повисоки се потребните стандарди – и казните за прекршоците.

Така, министрите-членки на ЕУ задолжени за телекомуникациите се согласија дека вештачката интелигенција не треба да се користи за (пр)оценување на луѓето врз основа на нивното социјално однесување или карактер, доколку тоа може да доведе до негативни последици.

Токму таквиот систем на бодување на граѓаните е нашироко користен во Кина, каде што луѓето се под постојан надзор и евалуација од алгоритми.

ЕУ, исто така, сака да ги регулира стандардите за особено чувствителните ВИ-системи, на пример оние што се занимаваат со биометриско препознавање или снабдување со електрична енергија и вода. Сепак, употребата на ВИ за воени и чисто истражувачки цели е изземена од сите овие правила.

За вештачка интелигенција се сметаат системите способни за независно учење. Софтверите обично работат со големи количества податоци од кои извлекуваат заклучоци.

Технологијата веќе нашироко се користи, од тестирање на самоуправувачки автомобили - каде што возачот може да седи и да не прави речиси ништо - до платформи како Јутјуб или Спотифај, кои користат вештачка интелигенција за да му го предложат следното видео или песна на корисникот. Или ботовите за муабет, со кои клиентите разговараат во обид да решат проблем.

Критики од двете страни

Критичарите се многу незадоволни од начинот на кој оди ЕУ, тврдејќи дека има премногу отворени прашања. На пример, здружението на потрошувачи на ЕУ Беус објави дека не е јасно дали и на приватните компании им е дозволено да користат софтвер за препознавање лица на јавни места.

И холандската европратеничка од Зелените Ким ван Спарентак на Твитер напиша дека новите правила се „полни со дупки“.

Активистите за заштита на приватноста и на податоците се особено скептични кон тенденцијата на сѐ повеќе држави да ги држат граѓаните под постојан надзор со безброј камери и софтвер за препознавање лица. Ова, велат критичарите, ги претвора општествата во Големиот брат.

Американскиот аналитички институт Карнеги во 2019 година заклучи дека најмалку 75 од 176 испитани земји го користат ВИ на овој начин.

Од друга страна, како што пишува весникот „Ханделсблат“, технолошките компании и нивните здруженија ја критикуваат ЕУ затоа што има намера премногу да ја регулира областа и на тој начин, како што велат, да го задуши претприемачкиот дух. Дигиталната асоцијација Битком ја критикуваше дека се фокусира премногу на ризиците, а премалку на профитот.

Европската економија стравува дека ќе ја збришат американската и кинеската конкуренција, кои нема да имаат толку строги правила.

Легенда под Главна слика

Фото: ЕПА

Им благодарам на Русите како креатори, но посебно на бугарските послушни  извршители за пропагандата што ја водат против Македонија. Што направија?

повеќе

Деновиве адвокатот Тортевски во дебатна емисија рече дека немаме критична маса за држава. Не знам дали е така, но изгледа немаме критична маса за сериозни дебати и дијалози во општеството. 

повеќе

Светска банка проценува дека за секој долар инвестиран во здравството, државата има бенефит од 4 долари во смисла на зголемена економска продуктивност.

повеќе